Рама во саботата рече дека владата ќе го затвори Тикток на една година, обвинувајќи го популарниот видео сервис за поттикнување насилство и малтретирање, особено меѓу децата.
Властите одржаа 1.300 состаноци со наставници и родители по инцидентот во ноември кога еден тинејџер избоде друг до смрт по расправија што започнала на социјалните мрежи. 95 отсто од нив ја поддржуваат забраната за Тикток, објави АП.
„Забранувањето на Тикток на една година во Албанија не е избрзана реакција на еден инцидент, туку внимателно разгледана одлука донесена во консултација со родителските заедници во училиштата низ целата земја“, рече Рама.
По одлуката на Тирана, Тикток побара „итно појаснување од албанската влада“ за случајот со избодениот тинејџер.
Компанијата соопшти дека „не нашла докази дека сторителот или жртвата имале профили на Тикток, а повеќе извештаи всушност потврдиле дека видеата што довеле до овој инцидент биле објавени на друга платформа, а не на Тикток“.
„Тврдењето дека убиството на тинејџерот немало никаква врска со Тикток бидејќи конфликтот не настанал на платформата покажува неуспех да се разбере сериозноста на заканата што Тикток ја претставува за децата и младите денес, како и причината за нашата одлука да се реши оваа закана“, рече Рама.
„Албанија е можеби премногу мала за да бара Тикток да ги заштити децата и младите од застрашувачките стапици на својот алгоритам“, рече Рама, обвинувајќи го Тикток за „репродуцирање на бескраен пекол на говор на омраза, насилство, малтретирање и слично“.
Според локалните истражувачи, децата во Албанија ја сочинуваат најголемата група корисници на Тикток во земјата.
АП пишува дека многу млади луѓе во Албанија не ја одобруваат оваа забрана.
„Го откриваме нашиот секојдневен живот и се забавуваме, односно го користиме во слободното време“, вели Самуел Сулмани, 18-годишник од градот Решен.
„Не се согласуваме со тоа бидејќи тоа за нас е ограничување“, додаде тој.
Сепак, како што истакнува АП, албанските родители се сè позагрижени по извештаите за деца кои носат ножеви и други предмети на училиште за да ги користат во тепачки или случаи на малтретирање, поттикнати од приказните што ги гледаат на Тикток.
„Нашата одлука не може да биде појасна: или Тикток ќе ги заштити децата во Албанија или Албанија ќе ги заштити своите деца од Тикток“, рече Рама.