За министерот за спорт Борко Ристовски нема дилема дека ракометот без сомнение е спорт број 1 во Македонија.
„Ова теза сум подготвен да ја бранам пред секој. Сите ракометни репрезентации имаат учествувано или се пласирани на големи натпреварувања. Според тоа, логично е најголем број средства од субвенциите да одат во ракометот. Кога се зборува за форми на финансирање за развој во ракометот, подготвуваме стратегија која ќе ја направиме во соработка со федерацијата. Тоа е неопходно“, изјави Ристовски.
Тој го посочи примерот со одбојката каде со два клуба веќе се договорени финансирање на тимови создадени од селектирани млади натпреварувачи кои преку учество во младински и сениорски лиги ќе стекнуваат искуство и ќе се развиваат.
„Ние секогаш се бориме за повеќе средства да влегуваат во спортот. Но против сме да се трошат државните пари без резултати. Мора да работиме плански“, рече Ристовски.
Министерот се осврна и на спортската инфраструктура во Македонија.
„Во тек е обнова и реновирање на повеќе сали низ целата држава. Исто така во скоро време ќе почнат да се градат три нови спортски сали две во Скопје и една во Струмица. Планираме големи инвестиции во инфраструктура, бидејќи јасно ми е дека без услови нема резултати. Сакаме да направиме и оддел во нашето министерство за ние да стопанисуваме со салите“, додаде Ристовски.
Министерот презеде обврска да разговара со надлежните од спортскиот центар (СЦ) Борис Трајковски во насока намалување на цената што клубовите треба да ја платат за користење при одигрување натпревари.
На дискусијата присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која кажа дека буџетот за спорт во 2025 година е двојно зголемен во однос на претходната година и затоа е важно да се знае како се трошат буџетските пари.
„Мене ми е важно во државата да има добро образование и добар спорт. Дуплиран е буџетот во однос на претходната година. За 2025 година 1,1 милијарда денари, повеќе од три пати во однос на 2019 година. Но кога издвојуваме толку пари, треба да знаеме и како се трошат буџетските пари. Изминатиов период кај некои клубови се појави незадоволство. Затоа како министерство размислуваме за некои реформи, но тоа ќе доведе до намалување на директните субвенции во клубовите што ги дава Министерството за спорт. Клучното прашање е што сакаме да постигнеме. Спортот треба да обезбеди фер однос кон сите. Особено ова се однесува кај натпреварите во пионерските и младинските категории. Треба да обезбедиме услови за секое дете биде мотивирано и со услови за спортување. Спортот гради здрава нација. Во мене секогаш ќе имате сојузник кога станува збор за поддршка за спортот“, рече меѓу другото Димитриеска-Кочоска.
Министерката ги повика и министерството за образование и локалните власти повеќе да се вклучат со цел подобрување на состојбата во спортот во Македонија.