Путин рече дека според украинскиот Устав, не постои механизам за продолжување на претседателскиот мандат за време на воена состојба и дека само Радата има овластување да го продолжи неговиот мандат без одржување избори за време на војна.
Тој рече дека ако се има предвид дека претседателот на Украина е одговорен за назначувањето шефови на министерства, на безбедносни служби и на други регионални и владини тела, „фактот што мандатот на Владимир Зеленски истече во почетокот на оваа година практично значи дека сите овие раководители на агенции се нелегитимни“.
Сепак, Путин рече дека Москва останува отворена за разговори со Киев „без никакви предуслови“, освен оние што беа веќе договорени во Истанбул во 2022 година, кои се неутрален, неврзан статус на Украина, како и одредени ограничувања за распоредувањето на странско оружје. Тој, исто така, истакна дека таквите разговори ќе мора да ја почитуваат реалноста на теренот што се развила од тоа време.
We don’t have any preconditions for peace talks – Putin pic.twitter.com/EEpnxEFyiV
— RT (@RT_com) December 19, 2024
Што се однесува на тоа со кого Русија би била подготвена да преговара, Путин изјави дека сѐ додека некој добива легитимитет преку јавно гласање, Москва ќе разговара со секого, дури и со Володимир Зеленски.
„Сега, ако Украина навистина сака да тргне по патот на мирно решавање, може да го направи тоа организирајќи го внатре во земјата како што сака. Но ние можеме да потпишеме договори само со оние што се легитимни, а единствените што се (сега) легитимни се Радата и претседателот на Рада“.
Минатиот месец Путин тврдеше дека актуелните власти во Киев практично ја узурпирале власта избегнувајќи ги изборите.
Парламентарните и претседателските избори во Украина, закажани за октомври 2023 и март 2024 година, беа откажани по наредба на Зеленски, кој рече дека нема да се одржат избори додека останува во сила воената состојба.
Претседателскиот мандат на Зеленски официјално истече во мај.
„Не ни треба прекин на огнот, туку постојан мир со гаранции за Русија“
Одговарајќи на прашање за прекинот на огнот во Украина, Путин рече дека руската војска напредува и дека паузата во борбите ќе ѝ помогне на Украина и ќе им даде време на нејзините војници да се вкопаат и да добијат муниција.
Тој рече дека Киев „регрутира луѓе на улиците“, споредувајќи го со „фаќање кучиња скитници“.
Рускиот лидер, исто така, рече дека долгиот прекин на огнот ќе им даде време на војниците во Украина да ги преобучат своите сили.
„Она што ни треба не е прекин на огнот, наместо тоа ни треба траен мир со гаранции за Руската Федерација“, додаде тој.
Путин „подготвен“ да се сретне со Трамп – но нема директни планови
Путин вели дека не разговарал со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп повеќе од четири години и не е сигурен кога ќе се сретне или ќе разговара со него.
„Подготвен сум да се сретнам со него ако го сака тоа“, вели тој.
Двајцата се состанаа на самитот на Г20 во Јапонија во 2019 година, каде што одржаа разговори на маргините.
Откако победи на претседателските избори во САД минатиот месец, Трамп разговараше со украинскиот претседател Володомир Зеленски и двајцата се сретнаа лично за време на посетата на Зеленски на Њујорк во септември.
Путин денеска одговараше на прашања повеќе од четири часа и 31 минута, како што покажа инфографикот што се појави на екранот.
На настанот беа присутни новинари од цела Русија, како и странски дописници. Прашањата од граѓаните пристигнаа преку повици, СМС-пораки, социјалните медиуми и наменската веб-страница, а до утрово стигнале над 2 милиони прашања.
За прв пат, беше користена вештачка интелигенција за да го регулира процесот.