На видеото објавено од Кремљ и емитувано од руската државна телевизија се гледа како Путин слетува со хеликоптер за да го посети командниот штаб на руските сили.
Рускиот лидер, откако бил информиран за ситуацијата на теренот, повторно со хеликоптер отишол во седиштето на руската национална гарда во источниот регион Луганск.
Путин во двата штаба на армијата им го честитал православниот Велигден и им подарил икони.
Русија во септември ги анектираше регионите Херсон и Луганск, како и регионите Доњецк и Запорожје.
Ова е втора посета на Путин во областите што ги окупираше во Украина. Првпат тоа го направи во март.
Минатиот месец Путин го посети пристанишниот град Мариупол на Азовско Море, контролиран од Русија, кој руските трупи го зазедоа во мај по два месеци жестоки борби.
Рускиот лидер го посети штабот во време кога Украина се подготвува за нова контраофанзива за враќање на окупираните територии.