четврток, 6 февруари 2025

Прва средба на директорот на НУ„Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски со покровителката на фестивалот, претседателката Сиљановска-Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска имала средба со Ѓорѓи Цуцковски, директорот на Националната установа „Охридско лето“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од кабинетот на претседателката, упатувајќи честитки до Цуцковски по повод неговиот избор за директор на овој реномиран меѓународен фестивал, таа изразила уверување дека тој со богатата музичка кариера и како првенец на Националната опера и балет ќе придонесе за унапредување на уметничко-естетските вредности и критериуми на „Охридско лето“.

Како традиционален покровител на оваа најстара музичко-сценска манифестација во земјава, претседателката Сиљановска-Давкова при тоа била запознаена со подготовките и новитетите на претстојното 65-то издание на „Охридско лето“, на коешто се очекува врвна уметничка програма со свежи, модерни и креативни содржини.

„Таа укажа дека ‘Охридско лето’ со својот меѓународен карактер е додадена вредност на културната дипломатија и истакна дека и во иднина ќе продолжи да ги поддржува манифестациите, коишто преку промоција на културните и уметничките вредности ги зближуваат народите и ја зајакнуваат меѓусебната почит“, се наведува во соопштението.

Соговорниците размениле мислења и за можностите и начините за натамошен развој на фестивалот, со цел остварување на уште повисоки дострели на меѓународната културна сцена и севкупно промовирање на земјава.

„Охридско лето“ претставува еден од најзначајните настани којшто со својата долгогодишна традиција, препознатливост, квалитет и углед ѝ ги доближува светските имиња на македонската публика, а истовремено придонесува за поквалитетна туристичка понуда на нашиот духовен и културен центар, Охрид.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ