петок, 18 октомври 2024
Скопско лето

Прв солистички концерт на Мијата утре во Куршумли ан

Објавено на

часот

Сподели

Учесници на концертот се Мијата – вокал, Валентино Скендеровски – клавијатури, Кире Мирчовски – акустична/електрична гитара, Горан Гешовски – бас гитара, Ратко Даутовски – перкусии, Иво Митковски – тапани, Мартина Нанеска – придружен вокал, Елена Васова – придружен вокал, Дино Хриџиќ – придружен вокал.

Гости се Теда, група Фолтин, Дамир Пух, Наташа Миха, Александар Пешевски, Глигор Кондовски, Никола Стојмановиќ, Мартина Јаневска, Зоран Тортевски Бранко Илиевски и Ангел Ќосев

Билетите се по цена од 300 денари. Почетокот на концертот е закажан за 20 часот.

Мијата за прв пат ќе одржи солистички концерт и тоа во рамките на програмата на Скопско лето. Локацијата за овој концерт закажан за среда, 28 јуни, е Куршумли-ан.

Скопско лето: Мијата, ти си активна на музичката сцена повеќе од 15 години. Зошто толку години мораше да чека твојата публика за да добие прилика да присуствува на твој концерт?

Мијата: Подготовките за концертот, колку што траат, ми потврдија дека порано не ќе беше вистинското време. Вака некако природно си дојде шансата и јас во едно позрело музичко издание да се претставам концертно во живо пред својата публика на начин што прилега за моите години. И од порано чувствував дека музиката што ја снимам и пренесувам е повозрасна од моите години. Сега некако се стасавме…
Скопско лето: Локацијата за концертот е Куршумли-ан во Старата чаршија, и е локација на која ти инсистираше од самиот почеток. Има ли ова место некое посебно значење за тебе?

Мијата: Точно е дека Куршумли-ан отсекогаш бил локацијата за мојот имагинарно проектиран концерт. Многу сакам да настапувам во простор што изобилува со вибрантност и ја засилува енергијата што ја даваат изведувачите. Ние во Скопје имаме повеќе такви места, но Куршумли-ан е некако најмагично за мене. Затоа кога концертот стана реалност, друга локација не беше ниту опција.

Скопско лето: Овој концерт е всушност и промоција на твојот втор албум ВИДА. Што нуди ВИДА како музичка приказна? Каква Мијата ќе слушнеме во овој албум?

Мијата: Вида е искрена дури и премногу за нашиот менталитет. Секоја песна е проекција на различно чувство и те води на различно место. Сакам да мислам дека е саундтрак за тоа што ми се случувало во изминативе неколку години. Музички е издржана и поткрепена со соработки со музички професионалци како Дамир Пух, Наташа Миха, Весна Малинова, Александар Пешевски, Александар Јовевски, Валентино Скендеровски, Ангел Ќосев, и уште многу други.

Скопско лето: Списокот на музички учесници на твојот концерт е доста голема. Како течеа подготовките со толку голема екипа?

Мијата: Големината на екипата ја издиктираа моите песни со своите аранжмани. Тоа што не сакам да правам компромиси кога станува збор за музиката малку повеќе ќе ме измори во подготовките, но задоволството на крај нема цена. 

Скопско лето: Мијата, ти си единствената контролорка на летање со музичка кариера кај нас и во исто време единствената пејачка што е контролор на летање. Дали е музичкиот свет многу поразличен од воздухопловниот?

Мијата: Различен е, да, но како и во воздухопловството, така и во музиката, за да звучи сѐ беспрекорно, секој мора да го сработи својот дел. Мојот однос кон музичкиот микрофон не е ништо поинаков од контролорскиот.

Скопско лето: Што понатаму?

Мијата: Што понатаму… најпрвин заслужен одмор, а потоа евентуално настапи на некои интересни локации низ Македонија. Ќе видиме… летото е пред нас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ