„Под слоганот ‘Стоп за сообраќајното насилство’, ќе се одржи протестен марш, ќе се бара правда за прерано згаснатиот живот на нашата сограѓанка Фросина Кулакова, но и за сите други жртви во сообраќајот. Планирано е протестот да започне во 14 часот од центарот на градот, на улицата ‘Маршал Тито’, кај семафорите. Учесниците на протестот ќе се движат по главната улица со крајна дестинација градските гробишта и вечното почивалиште на Фросина“, појаснија од службата за информирање при Општината.
Притоа, додадоа дека целиот настан е координиран и маршот ќе биде обезбедуван од припадници на Министерството за внатрешни работи.
„Се апелира до сите граѓани на општина Неготино, в сабота, ако не е крајно неопходно, во овој период од денот да не излегуваат со возила, бидејќи се очекува голема масовност на протестот и присуство на граѓани од цела Македонија. Доста е со жртви на улиците – ќе биде основната порака од протестот на кој ќе се побара поголема безбедност на улиците, подигнување на свеста за опасностите во сообраќајот, најстроги казни за сообраќајните насилници и одговорност од институциите“, нагласија од Службата за информирање при локалната самоуправа.
Оттаму подвлекоа дека како Општина го поддржуваат протестот и активно ќе се вклучат во него.
„Воедно, ги повикувам и сите сограѓани да дојдат в сабота и да се придружат на протестот за прерано згаснатиот живот на Фросина, на Викторија и на многу други, кои не се меѓу нас, поради присутното насилство во сообраќајот и неказнивоста на извршителите на овие дела“, напиша неготинскиот градоначалник Горан Стојанов на Фејсбук.