На сите овие места илјадниците млади луѓе со триминутно молчење одаваа сочувство за смртта на Фросина Кулакова и го продолжуваа протестот како реакција на инцидентите со неконтролираното возење и неказнувањето.
„Безбедноста е право, не луксуз“, „Ако корумпиран систем живее, народот умира“, „Денес правда за Фросина, утре за сите нас“, „Не е кобно местото, туку луѓето и системот“… пишуваше на дел од транспарентите кои ги носеа учесниците на протестот.
На протестот беа присутни и членови на семејството на Фросина Кулакова.
Tаткото на трагично загинатата Фросина – Тодор Кулаков вечерва од пред македонското Собрание порача дека „судии, обвинители, проценители и извршители направија друштво за надавање како аукциски куќи ‘кој ќе плати повеќе мито тој добива’“.
Се протестираше против нефункционалноста на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот, недоволната безбедност во градовите и глорификацијата на девијантното однесување.
Фросика Кулакова (22) од Неготино на 29 јануари беше прегазена додека поминуваше пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Девојката беше прегазена од Васил Јованов (20) од Скопје кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му е определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Ова беше втор протест на граѓаните во Скопје откако беше одржан мирен собир во петокот кога присутните граѓани запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина поставена на местото каде што таа беше прегазена. Преку написите како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“ тие и тогаш маршираа до Собранието и Кривичниот суд и побараа одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви во сообраќајни незгоди.
Мирен собир деновиве се одржа и во Неготино, родниот град на Фросина, како и во Кавадарци.
Фото: Роберт Атанасовски