вторник, 5 ноември 2024
Белград

Протест пред зградата на Владата на Србија, активисти оставија отпечатоци од раце во црвена боја (ВИДЕО)

Протест пред зградата на Владата на Србија во центарот на Белград денеска се одржа и заврши со изјава дека од вторник Нови Сад ќе командува со Србија. Имено, во тој град за вторник е закажан голем протест поради смртта на 14 лица при уривањето на настрешницата на новообновената Железничка станица.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Активистите извикуваа пред зградата на српската Влада – „оставка“, „предавство“, „робија“, „ав, ав“, чекајќи го Никола Ристиќ, од групата СвиЧе, кој им се обрати откако беше пуштен од притвор.

Тој денеска беше приведен од страна на полицијата, во пресрет на протестот пред старата зграда на Железничката станица, закажан поради трагедијата во Нови Сад.

Пред влезот на зградата, каде што беа распоредени голем број полицајци, како и на самата зграда, активисти оставија отпечатоци од раце во црвена боја, како симболичен показател за одговорноста на властите за трагедијата.

Ристиќ рече дека фокусот не треба да биде на неговото апсење, поради објавата со која повика на денешниот протест, туку на барањето оставки поради трагедијата во Нови Сад.

„Нови Сад е точката од каде што мора да пукне, доволно е крв. Порака до властите, ако ја избришете оваа црвена трага (со боја), ќе ја има уште. Ќе ја оставиме на секој агол во градовите така да властите не можат да ја негираат својата одговорност“, порача Ристиќ.

Тој нагласи дека од вторник со Србија ќе командува Нови Сад.

„Луѓето во Нови Сад чекаат да поминат деновите на жалост, а потоа што ќе биде. Затоа денеска сме во Белград, да не згасне жарот. Од вторник Нови Сад командува со цела Србија, што ќе правиме и каде ќе одиме“, рече Ристиќ и повика на граѓанска непослушност.

Откако се собраа пред зградата на Владата, активистите беа повикани да се упатат кон Стариот Савски мост, каде граѓаните веќе неколку дена и ноќи се обидуваат да го заштитат од уривање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ