„Работничкиот дом е симболот на работничкото движење на работниците и на граѓаните во Македонија. Така било 70 години. Работничкиот дом го преживеал земјотресот во 1963 година, ќе ја преживее и срамната одлука на Врховниот суд за негова конфискација. Работниците од својата уста, од парчето леб издвојуваа пари во 1958 година за да го изградат овој дом бидејќи во 1948 година одлучиле дека нема да носат одлуки на полјани и на ливада во паркот зад работничкиот дом. Тоа што го очекуваме и го очекуваат граѓаните во чие име е донесена пресудата од овие тројца судии е да ја преиначат и укинат“, рече лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Тој информира дека ССМ поведе постапка за повторување на процесот во Кривичниот суд и поднесе иницијатива до Уставниот суд.
„Со други зборови, одземањето на Работничкиот дом е во насока на убивање на синдикалната борба, а тоа не смееме да го дозволиме, ниту ние, ниту работниците, ниту граѓаните, а уште помалку Врховниот и Уставниот суд, или пак партиите. Има рок до 15 мај за тужба до судот во Стразбур. Немаме за цел државата да се срами пред судиите во Стразбур, подобро ќе биде да не бидеме принудени до таму да одиме“, рече Трендафилов.
Нова „протестна“ средба ССМ закажа за 8 април, која за цел има друго прашање, но ќе се потсети и на борбата за Работничкиот дом.