петок, 31 јануари 2025

Протест на граѓаните во Скопје за жртвите на несовесните возачи: „Врските не враќаат човечки живот“

Стотици граѓани денеска се собраа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје на протест, барајќи правда за трагичната смрт на младата Фросина, која беше прегазена додека поминувала пешачки премин во близина на пекарата „Силбо“. Граѓаните продолжија да маршираат кон Собранието, а потоа кон Кривичниот суд.

Објавено на

часот

Сподели

Протестот почна со триминутен молк за трите девојки кои досега биле прегазени на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Последната жртва е 22-годишната Фросина Кулакова, која пред два дена беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин. На 20 јануари 2022 година на пешашкиот премин кај крстосницата кај трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ беше прегазена студентката Викторија Николова, а на 3 април 2015 година студентката Фросина Цековска на пешачки премин кај Универизална сала. Учесниците во протестот носеа транспарент на кој беа испишани имињата на трите девојки, кои станале жртви на несовесни возачи.

За смртта на Фросина Кулакова е осомничен 20-годишниот скопјанец на кој му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за кого и претходно имало кривични пријави  за друга сообраќајна незгода, како и за недозволена употреба на дрога.

Граѓаните на мирниот собир запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина. Преку написите како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“ тие побараа одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви од сообраќајни незгоди.

Одговорност побараа и премиерот Христијан Мицкоски , кој рече дека револтот на граѓаните е оправдан и оти ги поддржува протестите, најавувајќи дека ќе се спроведе ригорозна казнена политика на санкционирање на ваков тип дивеење.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски  посочи дека гневот на јавноста е разбирлив, недовербата во институциите е оправдана, но, нагласува, ова не смее да заврши само со пишување на гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените, вели Тошковски, мора да бидат реални. Секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.  

Хелсиншкиот комитет укажа дека до трагедијата довел „феноменот на неказнивост, деценски присутен во нашето општество“.

Мирен собир во 15 часот денеска е закажан и во родниот град на Фросина, Неготино, како и во Кавадарци во недела.

Фото и видео: Роберт Атанасовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ