четврток, 26 декември 2024

Протече извештај за подготвеноста на ЕУ за војна: „Кажете им на граѓаните да подготват залихи“

Граѓаните на Европската Унија треба да складираат залихи во случај на војна или друга голема вонредна состојба, се вели во извештајот објавен во средата. Извештајот за цивилната и воената подготвеност на Европа го напиша поранешниот фински претседател Саули Ниинисто, кој ѝ е специјален советник на претседателката на Европската комисија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во извештајот се посочува дека ЕУ не била подготвена ниту за пандемијата на ковид-19, ниту за руската агресија врз Украина и дека мора „да премине од реакција кон проактивна подготвеност“.

Во документот се наведува дека Европската Унија треба да ги советува домаќинствата да бидат подготвени за најмалку 72 часа независно функционирање во случај на вонредна состојба. Се препорачува земјите-членки да им дадат насоки на своите граѓани за складирање основни продукти, евакуација и пристап до службите за итни случаи, меѓу другото.

Во истражувањето наведено во извештајот се наведени различни основни материјали што треба да ги имаат домаќинствата во случај на итност, вклучувајќи храна, пијалаци и лекови, батериски светилки и радиоприемник на батерии.

Целта на овие препораки е да се подготват граѓаните на ЕУ за вонредни ситуации, кои се движат од нова пандемија до екстремни временски услови или оружена агресија, се наведува во документот. Иако извештајот не ја наведува руската агресија како единствената можна закана, ја истакнува како главна.

„Немаме јасен план за тоа што ќе направи ЕУ во случај на оружена агресија врз некоја од земјите-членки. Заканата од војна што ја претставува Русија за европската безбедност нѐ принудува ова прашање да го поставиме во центарот на нашата подготвеност, без да се занемарат подготовките за други големи закани“, се вели во извештајот.

Во извештајот се истакнува дека заканата од руска агресија најмногу се чувствува меѓу нејзините непосредни соседи, но секоја акција на Русија против земја-членка на ЕУ би влијаела на сите 27 земји од блокот.

„Територијалниот интегритет и политичката независност на секоја земја-членка се нераскинливо поврзани со оние на другите земји-членки, како и со ЕУ како целина“, се наведува во извештајот.

Исто така, се истакнува дека зајакнувањето на граѓаните треба да биде во „сржта“ на сеопфатната стратегија за подготвеност и дека ЕУ треба да ја подигне свеста и да ја поттикне самодоволноста кај населението. Во извештајот се предлагаат и други мерки на ниво на ЕУ, вклучително и распределба на најмалку 20 отсто од вкупниот буџет на блокот за зајакнување на безбедноста и подготвеноста за кризи, како и план за подобра размена на разузнавачки информации меѓу земјите на ЕУ.

Извештајот од 165 страници ѝ бил претставен на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во средата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ