На настанот присуствуваа претставници од партнерските организации на проектот Green Spirit Prespa, претставници на делегацијата на Европската Унија, градоначалникот на Ресен, наставниот кадар, учениците, локални институции и гости од заедницата.
Амбасадорот на Европската Унија Микаил Рокас рече дека опипливи се резултатите од заедничката работа преку зелените протоколи и одржливоста. „Имајќи предвид дека Преспанскиот регион не е само европско наследство, туку и светско, сите треба да придонесеме за да го зачуваме, да ги задржиме нашите деца, бидејќи утре кога ќе имаат прилика за да заминат во странство, можат да ги искористат европските програми за образование како што се Ерасмус + и други. Со тоа ќе имаат прилика утре да се вратат и да работат, да можат да креираат иднина која ќе придонесе за вашиот регион. Овој проект има многу активности низ Преспанскиот регион. Една од нив беше да се уреди училиштниот двор со локална флора и да се снабди училиштето со енергетско ефикасно осветлување. Осветлувањето не само што е зелена промена, туку и ја намалува потрошувачката на енергија. Ова се само мал дел промени од многутте што следат“.
Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен изјави дека овие денови се денови за заблагодарување. „Имаме премногу проекти кои заслужуваат промоција заедно со Европската Унија посветени за Преспа. Ова е само мал сегмент кој се случува во наредниот период. Премногу сме благодарни за поддршката на Европската Унија која ни дозволува да изградиме инфраструктури кои не би можеле да си ги дозволиме со сопствени средства“, рече Тозиевски.
„Преспанското Езеро мора да се спаси. Пред очи ни бега езерото, мора да го спасиме веднаш и сега“, рече ученик од ОУ „Браќа Миладиновци“ од Царев Двор, Преспа.
Присутните ја проследија и културно-уметничката програма подготвена од учениците, кои преку своите изведби ја пренесоа пораката за значењето на еколошката свест и одржливиот развој.
Проектот „Green Spirit Prespa“ е ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „ГОУ ГРИН” – Скопје, во партнерство со здруженијата „Spirit of Prespa“, „Рурални жени од Преспа“ и „Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија“.