Како што соопштуваат од Издавачкиот центар ТРИ, посетителите ќе имаат можност да поразговараат со писателот и да добијат потпис на својот примерок од „Ѕвезди под клепките“ во превод на Виолета Танчева-Златева, инаку дел од едицијата „Нашите приказни“ поддржана од Европската Унија.
„Ѕвезди под клепките“ (2022, „Жанет 45“) е трет роман на Терзијски. За ова дело во 2023 година ја освои националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевната култура и беше номиниран за сите значајни награди за проза во Бугарија, а минатата година беше номиниран за наградата за книжевност на Европската Унија.
-„Ѕвезди под клепките“ е можен одговор на некои од најголемите загатки на животот, меѓу кои е и загатката на љубовта. Каде, кога и како ја среќаваме, и како ја препознаваме? Дали во тоа ни помагаат ѕвездите што ни треперат под клепките? Раскошен роман за најзначајните и најтешките животни прашања и дилеми. Повеќеслојна сага со три испреплетени приказни во кои палимпсестно се испишани најмалку уште толку, колку лични толку и универзални. Во нив треперат копнежи и разделби среде историски превирања, премолчани зборови, неискористени можности и неодговорени прашања: еден ли е светот или има мноштво светови во кои паралелно течат нашите животи“, се вели во описот за романот.
Терзијски (1983, Смољан) е современ бугарски писател и новинар. Дипломирал новинарство на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија во 2005 година, а по две години магистрирал на Филозофскиот факултет. Работел како сценарист и ТВ-водител, а од 2003 година е вработен како новинар во продуцентската куќа „Седум осмини“. Во 2014 година го отвора блогот „Терзилаци“, на кој објавува свои раскази, хумористични есеи, политичка сатира, публицистика, осврти за книги.