„Левица има претседателски кандидат, професор Билјана Ванковска ќе биде претседателка на Република Македонија. Ви благодариме за поддршката од над 10.000 потписи, за оваа наша заедничка борба“, објави вечерва Левица чиј кандидат ќе биде Ванковска.
Претходно вечерва и кандидатот и претседател на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски соопшти дека ги собрал потребните 10.000 потписи за кандидатурата за шеф на државата.
Потписи за кандидатурите собраа и Бујар Османи кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбен Таравари кандидатот на албанската опозиција „Вреди“ и Максим Димитриевски, претседател на ЗНАМ-За наша Македонија.
И кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и на СДСМ Стево Пендаровски, ќе собираат потписи за нивните номинации кои викендов треба да бидат официјализирани од партиските тела на партиите.