четврток, 19 декември 2024

Ванковска разрешена од Центарот за глобални промени без аргументи од деканатот на Филозофскиот факултет

Професорката Билјана Ванковска денеска ја добила писмената одлука од деканатот на Филозофскиот факултет за нејзино разрешување од раководната позиција на Центарот за глобални промени, кој постои во рамките на односниот факултет при УКИМ.

Објавено на

часот

Сподели

Она што е невообичаено во одлуката за нејзино разрешување е што во образложението не е наведен ниту еден аргумент, што би водел барем до претпоставка дека е причина за изречената санкција врз професорката Ванковска и практично врз Центарот за глобални промени. Според образложението во одлуката, деканот на Филозофскиот факултет при УКИМ, Оливер Бакрески поднел предлог за разрешување на Ванковска, којшто е разгледан од деканатската управа. Врз основа на членови од правилникот за уредување и организација на работењето на Центарот за глобални промени и од статутот на Филоофскиот факултет, професорката Ванковска е разрешена од раководната позиција на Центарот за глобални промени, без да се наведе дури и од која причина од наведените во правилникот е донесена таквата одлука.

Членовите кои се споменуваат во одлуката за нејзино рарешување се:

Член 4 став 2 од правилникот за уредување и организација на работењето на Центарот за глобални промени (од 28.06.2023) гласи:  (1) „Мандатот на раководителот на Центарот и на членовите на програмскиот Совет на Центарот е на неопределено време. Мандатот на раководителот прекинува со прекин на работниот однос на Факултетот, по лично барање или по предлог на Советот упатен до Деканатската управа. Мандатот на член на Советот може да прекине по негово барање или по предлог на мнозинството членови на Советот или деканот.“

Членот 39 став 3 од статутот на Филозофски факултет гласи: „Раководителот на центарот го избира и разрешува Деканатската управа на Факултетот, а со одлука го потврдува деканот.“

Член 75 став 1 точка 14 од статутот на Филозофскиот факултет (кој се однесува на надлежноста на Деканатската управа) гласи: „и врши други работи определени со овој Статут.“

Покрај членовите од правилникот на Центарот и статутот на Филоофскиот факултет наведена е и правна поука за можноста за поведување управен спор, во рок од 30 дена од приемот на одлуката. Професорката Ванковска смета дека ваквата бизарна одлука не ѝ дава дури ни можност за обжалување од правен аспект.

Откако по кулоарите на Филозофскиот факултет ми беше извалкан образот со инсинуации за некакво незаконско и противправно работење како раководител на Центарот за глобални промени, денес ја добив одлуката која се повикува на правни одредби кои буквално праќаат порака (не само до мене): ете, ми се може! Доколку Статутот ми дозволува можам да ве разрешам во секое време без образоложение. Ваквата бизарна одлука, од правен аспект, не дава дури ни можност од обжалување, бидејќи не наведува аргументи врз основа на кои членовите на деканатската управа заклучиле дека деканот е во право кога разрешува раководител на успешен центар (тукушто завршена меѓународна конференција и апликација за проект од 60.000 евракој беше попречен на неправен начин). Ваквиот антиклимакс на оваа драмолетка ми дава основа да верувам дека станува збор за многу посериозна причина заради која сум морала да бидам тргната од Центарот и веројатно дискредитирана меѓу колегите. Јас сум само показна вежба за човек кој тренира строгоќа, а доаѓа од институт за безбедност, нели?“, ја коментира Билјана Ванковска одлуката за нејзино разрешување од раководителка на Центарот за глобални промени, при Филозофскиот факултет на УКИМ.

Центарот за глобални промени, на почетокот од октомври оваа година беше организатор на Меѓународнта научна конференција „Кооперативен мултиполарен систем: во потрага по нов светски поредок“, на која учествуваа  еминиентни научни имиња од областа на мировните, безбедносните и геополитичките теми, како Јан Оберг од Данска, Веивеи Џанг од Кина, Радика Десаи од Канада, Ричард Саква од Обединетото Кралство…

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ