„Откриени и одземени над 4 кг кокаин од групата на Штекли. Упорноста и професионализмот се клучни за успешната истражна работа. Во координација со јавен обвинител, продолживме со активностите против криминалната група на Штекли, и при дополнителни дејствија, по само нецел месец од разбивањето на групата, повторно е пронајдена и одземена дрога од истата криминална банда. Продолжуваме со нашата посветеност во борбата со недозволена трговија со дрога. Нема непобедливи криминални структури – тоа го потврдуваме со секој нов успех и го разбиваме митот за непобедливоста на одредени поединци“, напиша Јанев.
ОЈО претходно информираше дека за двајцата приведени побарани се притвор и куќен притвор.
„Како резултат на материјалните и видеодокази, обезбедени при претресите во акцијата што под раководство на јавен обвинител беше спроведена на 18 и 19 јануари годинава, во текот на денешниот ден од слобода се лишени две лица. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори“, информираше Обвинителството.
Од екстрахираните податоци, истражителите од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, дошле до докази дека првоосомничениот, кој бил приведен во Гевгелија, сокрил 3,5 килограми кокаин во бункер во патничко моторно возило.
„Воедно, како резултат на доказите, побарани се и извршени претреси на дом кај приведените лица и притоа е пронајден уште еден килограм кокаин. Јавниот обвинител за двете лица донесе наредба за истрага, а од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, побара притвор и куќен притвор“, појаснуваат од Обвинителството.