среда, 23 октомври 2024

Притисоците на Кина околу Самитот во Тајван е дрзок пример за намалување на привилегиите на другите нации, реагира ИПАК

Неформалната група на пратеници фокусирана на одговор на ширењето на сферите на интерес на Кина низ светот (ИПАК) остро одговори на кинескиот притисок врз пратеници од светот, меѓу кои и двајцата македонски пратеници Антонио Милошоски и Фатмир Битиќи да не одат на четвртиот годишен Самит кој годинава се одржува во Тајпеј, Тајван. Во меѓувреме пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и покрај притисок од Кинеската амбасада во Скопје, на својот фејсбук профил објави дека е во Тајпеј и учествува на Самитот на ИПАК. МКД.мк вчера прв објави дека на пратениците Антонио Милошоски и Фатмир Битиќи им бил вршен притисок да го откажат учеството на Самитот.

Објавено на

часот

Сподели

На веб-страницата на оваа Интерпарламентарната алијанса се изразува жалење и се „осудува обидот на Кина да се меша во четвртиот Годишен самит на ИПАК“.

„ИПАК изразува жалење и го осудува обидот на Кина да се меша во нејзиниот Годишен самит. Демократски избраните пратеници можат слободно да ги посетуваат и да ги поддржат годишните самити по нивен избор. Тоа е остварување на нивните права и обврски како избрани функционери. Она што го прави Кина околу Самитот на ИПАК е уште еден пример за нивните дрски напори да ги намалат демократските привилегии на другите нации и да ги негираат правата на Тајван да се вклучи во легитимна дипломатска размена. Бидејќи овие интеракции не се во согласност со нормалните дипломатски односи меѓу суверените нации, членките на ИПАК го задржуваат правото да поднесуваат формални претставки и жалби до нивните соодветни министерства за надворешни работи“, пишува во реакцијата на ИПАК објавена на нивата официјална веб страница.

Во објавата уште пишува дека како одговор на „заплашувањето на Кина, ИПАК одлучи да ја објави својата најава за најголемото проширување досега, поздравувајќи шест нови земји во Алијансата, Колумбија, Ирак, Малави, Соломонските Острови, Гамбија и Уругвај“.

Во меѓувреме пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и покрај притисок од Кинеската амбасада во Скопје, на својот фексбук профил објави дека е во Тајпеј и учествува на Самитот на ИПАК.

„Самитот на ИПАК го искористив за средба со Борис Мијатовиќ, член на германскиот Бундестаг и известител за земјите од Западниот Балкан во пратеничката група на Зелените. Имавме корисен разговор за билатералните односи и за евроинтеграциите на регионот“, напиша Милошоски.

На четвртиот годишен Самит на ИПАК кој започна денеска во главниот град на Тајван, Тајпеј, учествуваат 48 меѓупартиски пратеници од 24 земји од 5 континенти.

ИПАК е најголемата неформална група на пратеници фокусирана на одговор на ширењето на сферите на интерес на Кина низ светот. Основана е во јуни 2020 година во која по личен избор членуваат околу 230 пратеници од 30 држави, на неформална, волонтерска основа.

Нивната цел, како што пишува на официјалната веб страница е со нивната независност, политичка различност и способност да поттикнат промени.

„ИПАК е место каде што истомислениците се здружуваат, обединети во верувањето дека само со застанување заедно и барање одговорност од Кина, демократските земји ќе го поддржат системот заснован на правила“, пишува на веб странцата на ИПАК.

Од 2020 до 2024 членови од Македонија во оваа меѓународна неформална организација на парламентарци беа пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Арта Билали Зендели од ДУИ.

Бидејќи Билали Зендели  после изборите 2024, не беше реизбрана за пратеничка, членови во ИПАК (IPAC) од Македонија се Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Битиќи од СДСМ. Предуслов за пратеници од одредена држава да учествуваат во активностите на ИПАК (IPAC) е да има претставници од двата поголеми политички блока.

Трошоците за одржување на Самитот секогаш паѓаат на трошок на земјата домаќин, а оваа година тоа е Тајван.

Кина не е го признава Тајван како посебна независна држава туку како дел од Кина.

По победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 1998 година кога на владеачката коалиција ѝ се придружи партијата ДА, на Васил Тупурковски, Македонија го призна Тајван, а за возврат беше ветена инвестиција од една милијарда долари.

Но, наместо тоа Кина ги прекина дипломатските односи со Македонија.

Дипломатските односи со Кина, Македонија ги обнови во јуни 2001 година во екот на војната, откако беше доведен во прашање опстанокот на државата.

И.О.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ