Говорејќи на редовниот брифинг за новинарите, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека Москва внимателно ги проучува изјавите од Џеда, каде што САД и Украина се договорија за прекин на непријателствата и обнова на американската безбедносна помош за Украина.
„Се запознаваме со заедничката изјава од Џеда и изјавите што следеа по средбата“, рече Песков.
Тој додаде дека Кремљ во следните неколку дена ќе добие дополнителни информации од американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Валц, кои преку различни дипломатски канали ќе ги пренесат деталите од договорот.
„Ги разгледуваме сите опции, вклучително и можноста за телефонски разговор на највисоко ниво, односно меѓу претседателот Путин и претседателот Трамп“, рече Песков. На прашањето за реакцијата на Русија на предлогот за прекин на огнот, тој повтори дека Москва мора прво да добие целосни информации од американските претставници.
„Видете, не сакаме да донесуваме предвремени заклучоци, тоа е последното нешто што го сакаме“, рече Песков, нагласувајќи дека веќе се закажани контакти со американската страна и дека се очекуваат целосни информации за содржината на преговорите во Саудиска Арабија.