„Веста, која ја споделуваат некои портали и телевизии, е дезинформација која ја шират надворешни актери со цел дестабилизација на нашата земја и Западен Балкан“, соопшти министерството за одбрана на Косово. Се истакнува дека повлекување на американските трупи од мисијата на НАТО за Косово Кфор „не доаѓа предвид“ бидејќи таквите одлуки за распоредување или повлекување не се носат импулсивно.
Косовските власти тврдат дека се во постојана комуникација со Соединетите Американски Држави за секоја одлука и во редовна неделна комуникација со Кфор, уште еднаш истакнувајќи дека медиумските тврдења се неосновани.
Функционер на НАТО кажа дека САД продолжуваат да играат суштинска улога со својот длабоко вкоренет придонес во Кфор и во моментов ја поддржуваат мисијата со повеќе од 600 војници.
„Американските власти јасно дадоа до знаење дека се посветени на Алијансата, вклучувајќи го присуството на САД во Европа и потребата одвраќањето и одбраната на НАТО да бидат силни“, кажа функционерот додавајќи дека Вашингтон очекува од своите НАТО сојузници да направат и вложат повеќе во заедничката безбедност.
Западноевропските земји стравуваат дека потенцијален договор на САД и Русија за Украина и промената на приоритетите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп би можеле да предизвикаат повлекување на американските трупи од одредени делови на Европа.