четврток, 24 октомври 2024

Принцот Вилијам повика да се стави крај на конфликтот во Газа

Британскиот принц Вилијам повика на прекин на конфликтот во Газа, велејќи дека таму се убиени премногу луѓе.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Вилијам, 41-годишниот престолонаследник, даде изјава на денот кога ги посети лондонските хуманитарни организации кои работат на Блискиот Исток, неговиот кабинет соопшти дека целта на посетата е да се истакне човечкото страдање поради актуелниот конфликт.

Во 2018 година принцот стана првиот висок член на британското кралско семејство кој официјално ги посети Израел и палестинската управа. Следната недела ќе биде во синагога каде ќе ги слуша младите кои се борат против омразата и антисемитизмот.

„Останувам длабоко загрижен за ужасната човечка цена на конфликтот на Блискиот Исток по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври. Премногу луѓе се убиени“, изјави Вилијам.

„Јас, како и многумина, сакам што поскоро крај на конфликтот. Постои итна потреба да се зголеми хуманитарната помош за Газа. Клучно е таа да пристигне и заложниците да бидат ослободени“, продолжи британскиот принц.

Неговиот татко, кралот Чарлс Трети се повлече од јавните должности додека беше на лекување од рак, така што се очекува Вилијам да преземе поголема улога во кралските должности.

Глобалните повици за прекин на израелската офанзива на Појасот Газа се се погласни во последните недели, во време кога Израел подготвува копнен напад врз јужниот град Рафа, во кој се сместени повеќе од милион палестински бегалци од другите делови на Појасот.

„Понекогаш важноста на долгорочен мир станува јасна само кога ќе се соочиме со огромниот обем на човечко страдање“, изјави Вилијам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ