петок, 18 октомври 2024
Вело Марковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Пријатели на Македонија

Стабилна Македонија во срцето на Балканот е гаранција за мир и напредок за сите соседи на Балканскиот Полуостров.

Современата македонска држава има многу проблеми со етаблирање во системот на рамноправни држави во светот. Причините се многу. Во историјата се познати многу случаи на освојување, претопување, асимилација, експлоатација, окупација, потчинување, разделување, раселување на народи и држави. Некои народи успеале низ десетици векови да го сочуваат својот идентитет и да ја обноват својата држава. Но, има примери кога неповратно се избришани народи, цивилизации и држави (Асирија, Маите, цивилизација по реката Инд, Микејска цивилизација, Дачија, Илирија, Тракија).

Македонската држава и македонскиот народ многу пати во историјата имале периоди на раст и падови. Македонската античка династија успешно опстојува со создавање на Македонската империја, па сè до Македонското (Источно римско царство) кое е распаднато со освојувањето на Константинопол во 1453 година од страна на Османлиите. Османлиското царство по долго владеење со овие простои (од 1299 година) се распаѓа во 1922 година (потоа е Турција) по Балканските војни и Првата светска војна. За жал, Османлиите не ѝ ја даваат автономијата на Македонија што е договорена со Берлинскиот договор од 1878 година. Дадена е автономија само на Источна Румелија со главен град Пловдив и тоа е барем досега, последната држава на Тракијците. Истата опстојува само 7 години и во 1885 година е приспоена со Бугарија.

Османлиите и покрај Кресненското востание и Илинденско-Преображенското востание не ѝ даваат автономија на Македонија, што се покажува како клучен момент за стабилноста на Балканскиот Полуостров и мирот во Европа. Секако, ако Османлиите ѝ дале автономија на Македонија според Берлинскиот конгрес (член 23 од договорот), историјата ќе имаше сосема поинаков тек. Најверојатно немаше да ги има Македонските востанија, немаше да има Балкански војни, ниту пак Солунски фронт во Првата светска војна.

За жал, со Букурешкиот мировен договор територијата на Македонија е поделена меѓу 4 држави. Најголемиот дел ѝ се дава на Грција (која уште кога се спојува Источна Румелија со Бугарија во 1885 година воено се подготвува, но и со дипломатска офанзива прави клима дека е обесправена и дека треба да и биде компензирано со дел од Македонија. Втор по големина е делот што е даден на Србија (која стекнува независност со истиот Берлински конгрес во 1878 година), победник во Втората балканска војна. На Бугарија, која ја губи втората Балканска војна ѝ се дава Пиринскиот дел на Македонија (6.798 км2) како компензација за Добруџа (8.000 км 2), која е всушност прататковината на современата бугарска држава, која ѝ се дава на Романија, исто така победник во Втората Балканска војна. И четвртиот дел од Македонија (1.175км2) ѝ се дава на новооформената држава Албанија (1912 година) која не учествува во балканските војни, и не е јасен мотивот на големите сили зошто со Букурешкиот договор на Албанија ѝ даваат дел од Македонија.

Ваквата неправедна и неправилна поделба на Македонија е во основа на сите понтамошни војни и немири на Балканскиот Полуостров. Секако, ако се дадеше независност на Македонија немаше да го има најкрвавиот период во човековата историја како што е Солунскиот фронт од Првата светска војна. Немаше да има ни Граѓанска војна во Грција. Една стабилна јака Македонија во срцето на Балканот ќе биде гаранција за мирот во регионот и раскрсница на успешни економски текови и културен соживот помеѓу државите во регионов.

Крвавата Втора светска војна донесе создавање на современа држава Република Македонија на делот кој со Букурешкиот договор и беше даден на Србија. Република Македонија како дел од Демократска Федеративна Југославија се етаблира во Обединетите нации на 24 октомври 1945 година. Со Бледскиот договор од 1 август 1947 година се најави еден поинаков однос на соработка и меѓусебно почитување помеѓу балканските држави. „Проклетото минато нема да се врати… Против агресијата, против уништувачите на балканското единство и светскиот мир, народите на Бугарија и Југославија ќе се борат заедно…“ Договорено е на Бугарија да ѝ се вратат западните покраини кои беа во Србија, а Пиринска Македонија да се спои со Демократска Федеративна Југославија. Овој прогресивен договор е поништен во 1948 година со стапувањето на Инфорбирото.

Распадот на Југославија даде слободна независна држава Република Македонија, но во истиот момент се појавија страхувањата од добитниците на деловите од Македонија со Букурешкиот договор. Во тој момент, нашите соседи кои веќе се современи држави, длабоко етаблирани во светската демократија, дел од нив во НАТО и ЕУ, наместо  да понудат демократско решение пред сè за признавање на основните човекови права на Македонците и другите малцинствата на сопствените територии, тие со сите сили тргнаа кон негирање на „кревката“ држава Македонија.

Со методи неприфатливи од современиот демократски свет како што се економски блокади, притисоци, непризнавање, негирање на македонскиот народ, непризнавање на македонскиот јазик и постојано фалсификување на историски настани, но и со грубо мешање во внтрешната политика и етбалирање на сопствени политички експоненти во македонската држава, нашите соседи тргнаа во невидена офанзива. Крајна цел беше уништување на Македонија и македонскиот народ. Користејќи ги своите економски потенцијали, својата воена моќ, своите членства во организации и воени сојузи (ЕУ, НАТО…) своите пријатели, а на крилата на недемкоратските сили во светот на кои им одговара хаос, нашите соседи со букурешки дел од Македонија (пред сè Грција и Бугарија) тргнаа кон целосно уништување на македонскиот идентитет.

Наместо признавање на правата на Македонците во своите држави, тргнаа со досега невидена стратегија, да го уништат идентитетот на народот во слободната матична држава, за да нема потреба од признавање на основни права на народите и малцинствата кои живеат во нивните современи држави. По мене, силно координирано со невидени стратегии, итрини и користење на меѓународни вакууми и геополитички состојби се тргна кон негирање на македонскиот јазик, македонскиот народ, зашто ако нема македонски народ и македонски јазик, не може во нивните држави да се бара остварување на таквите права. Секако се користат и новонастанатите економски односи и сопственички права на одредени компании во Македонија со силни влијанија од внатре, пред сè во политичкиот и информативниот систем на Македонија.

Соочени со фактот дека пред очи ни се брише идентитетот, македонскиот јазик и македонскиот народ, свесни за силата на противникот, соочени со одговорноста кон илјадници генерации во минатото, и свесни за одговорноста кон илјадници генерациии во иднината, исправени сме пред големиот предизвик: да си го сочуваме идентитетот, повеќемилениумското постоење на македонскиот јазик и македонскиот народ. Сето ова можеме да го постигнеме со внатрешно обединување но и со силна помош од држави, наши пријатели. Во следниов период поединечно ќе го кажам моето мислење од кои 5 држави и сојузи можеме да очекуваме реална помош. Држави со кои во минатото сме биле сојузници, држави кои имаат историска одговорност во зачување на демократските односи во светот и нема да дозволат во современиот свет да се бришат народи и нации. Држави кои во последниве децении се покажале како пријатели со големо почитување на Македонецот и неговата посебност. И, секако, народи кои сега имаа силни држави а во минатото се соочувале со многу слични судбини и препреки како денес што му се случува на македонскиот народ.

 

                                                                         Вело Марковски,

кандидат за претседател на Македонија

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ