На членовите на преодната Влада, претседателот Пендаровски им посака ефикасно работење.
„Честитки за изборот на преодната Влада. Ѝ посакувам ефикасно функционирање и успешно спроведување на претстојните избори“, соопшти кусо претседателот.
За средбата кај претседателот Пендаровски информираше и новоизбраниот премиер Талат Џафери.
„Особено е важно државните гранки да функционираат координирано и постојано да соработуваат во корист на граѓаните и државата. Денес претседателот Пендаровски организираше прием во чест на новоизбраната Влада“, напиша Џафери на Фејсбук.
Преодната Влада беше избрана на денешната 141. пленарна седница со 65 гласа „за“ и тројца „против“. Преодната Влада се избира на 100 дена пред изборите, а има мандат до официјалното објавување на резултатите од претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај, односно до формирањето на новата влада.