„Израел е спремен за уште една хуманитарна пауза и дополнителна помош за да се овозможи ослободување на заложниците“, им кажа денес Херцог на дипломатите, соопшти неговиот портпарол.
Шефот на Мосад Давид Барнеа, директорот на ЦИА Вилијам Брнс и катарскиот премиер Абдулрахман ал Тани разговарале за можни повторни преговори со Хамас во Варшава, јавија вчера медиумите. Израел проценува дека во Појасот Газа сè уште има најмалку 109 заложници, како и тела на грабнати луѓе.
Херцог тврди дека Израел вложува големи напори за доставување повеќе помош во Газа. Но земјата ја контролира хуманитарната помош од страв од шверцување оружје. Израелскиот претседател ги обвини меѓународните хуманитарни организации, вклучувајќи ги ОН, дека не се доволно брзи во транспортот на залихите.
По сè погласните меѓународни критики за дејствувањето на израелската војска и цивилните жртви во војната во Газа, Херцог истакна дека неговата земја не се бори против цивилното население. „Тие не се наши непријатели. Ние се бориме против Хамас, тие се непријателот“, кажа Херцог.