Во рамки на низата состаноци посветени на Блискиот Исток, Путин го пречека Раиси во Кремљ еден ден откако ги посети Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, каде разговараше за цените на нафтата и војните во Појасот Газа и во Украина.
На почетокот на состанокот Путин кажа дека е многу важно да се разговара за ситуацијата на Блискиот Исток, особено на палестинските подрачја. Раиси одговори: „Ова што се случува во Палестина и Појасот Газа е, нормално, геноцид и злосторство против човештвото“.
Иран во војната против Израел ја поддржува палестинската група Хамас, која владее со Газа. Русија има односи со сите клучни играчи на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Хамас и Израел.
Аналитичарите сметаат дека војната во Газа ѝ помогна на Русија со свртувањето на вниманието на светот од војната во Украина и ѝ овозможи на Москва со земјите во развој да биде солидарна со Палестинците. Израел ги отфрла обвинувањата за геноцид и тврди дека неговата мета е Хамас, а не цивилите кои гинат во израелските бомбардирања.