„Мошне значајни се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување, каде се предвидени кратки рокови за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Притоа, тука се значајни и конретните одредби за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, но и на нивните претпоставени“, се вели во соопштението.
Од ресорното министерството потсетуваат дека минатата година беше формирана работна група составена од претставници од релевантните институции од правосудството, како и претставници од Кабинетот на претседателот и од научната фела.
„При изготвувањето на законот беа разгледани повеќе компаративни искуства од кои посебно се значајни решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи“, пишува во соопштението.
Причините за донесување на Законот за помилување, како што се наведува, пред сѐ произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања кои се предлага да бидат регулирани со новиот закон.
Постојниот Закон за помилување беше донесен во 1993 и претрпе бројни измени и дополнувања, а одредени одредби беа укинати од страна на Уставниот суд.