среда, 26 февруари 2025

Премиерот размислува за менување на државниот грб, но не и за химната – за враќањето на Груби во Македонија, упатува на Али Ахмети

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во централниот дневник на телевизијата АЛСАТ М вели дека размислува за промена на државниот грб, но апсолутно не размислува за промена на македонската химна, ниту пак му доаѓа на памет да влегува во таква дискусија.

Објавено на

часот

Сподели

„Тој е партиски симбол и на други политички партии, не е само на ВМРО-ДПМНЕ. Таму мојата изјава е резултат на брифинзи коишто излегоа во јавноста во одредени медиуми и претпоставувам дека новинарот што мене ми го постави прашањето беше инспириран од тие брифинзи во тие медиуми. И јас дадов внимателен одговор, каде кажав дека Владата во која што беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, што ја предводеше Никола Груевски имаше договор за да се смени грбот во државата. И тоа беше мојот одговор“, појасни Мицкоски.

На прашањето дали има иницијатива за таква промена премиерот рече – ако има ќе знае јавноста, кога ќе влезе во парламентот. Но, дали размислувам? Да, рече тој и додаде:

„Ценам дека хералдичкиот симбол земскиот лав е симбол на сите оние генерации коишто живееле во овие простори, и тоа не е некоја тајна“, смета Мицкоски.

Во однос на македонската химна, премиерот Мицкоски порача дека химната е темелна вредност на една држава, нагласувајќи дека не гледа никаква причина зошто таа би се менувала.

„Химната е темелна вредност на една држава, односно еден од трите суштински атрибути коишто ја дефинираат државноста. А химната претставува историска генеза, химната практично ја прераскажува историјата на создавањето на една држава и нација. И јас тука не гледам никаква причина зошто таа би се менувала или во кој дел таа би се менувала“, дециден е Мицкоски.

Мицкоски порача дека ниту на памет не му паѓа да дискутира и да разговара на тема за менување на македонската химна.

„Апсолутно, таман работа, ниту станува збор за таа тема на дискусија. Ниту на памет ми паѓа да влегувам во каква било расправа во која ќе се менува текст на химна, којашто отсликува историска генеза на создавањето на оваа држава. Кој сум јас или кои сме ние тоа да го правиме“, порача Мицкоски.

Во текот на интервјуто, премиерот доби прашање за тоа кога поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е во бегство од правдата, ќе се врати во Македонија. Во одговорот, Мицкоски  истакна дека Али Ахмети има редовна комуникација со Груби и го советуваше да се врати во земјава и да се соочи со правдата.

„Кога ќе се врати Груби не знам. Колку што успеав да го слушнам Меџити, тој кажа дека Ахмети има редовна комуникација со Груби и можеби тој треба да даде одговор кога ќе се врати. Јас би сакал да се врати уште денеска, затоа што единствениот начин да одговори на сите прашања е да биде тука присутен и да даде одговор“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Во однос на најавите од пред неколку месеци за обид за дестабилизација во земјава од страна на ДУИ и зошто сега нема такви изјави, премиерот порача дека обид за дестабилизација не значи и дека ќе успеат – земјава е стабилна како никогаш досега.

„Обид за дестабилизација не значи и дека ќе успеат во тоа и дека ќе бидеме нестабилна држава. Како што гледате девет месеци не само што сме стабилна држава, туку и на меѓународен план постигнуваме такви пријателства и такви сојузништва, што се незапаметени во независна Македонија“, нагласи премиерот Мицкоски.

За можна соработка со ДУИ, премиерот Мицкоски истакна дека е задоволен од соработката со коалицијата Вреди и односите во владината коалиција се кохезивни, цврсти, а цел на коалицијата е подобро утре за граѓаните и државата.

„Така работиме и ќе продолжиме да работиме“, потенцираше премиерот Мицкоски.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ