Одговарајќи на новинарско прашање дека дел од странските компании ја напуштат земјава, а дел ги намалуваат капацитетите, Мицкоски рече дека процесот ќе биде надминат бидејќи во меѓувреме, како што посочи, преговараат со дел од инвеститорите кои што се заинтересирани да инвестираат.
„Има и неколку нови компании кои што најавуваат отпочнување на инвестиција или отворање на нови производни погони, така што тоа е процес кој што е тековен. Ова компанија за која што вие кажавте не информираше пред неколку недели, оваа година тие ќе си работат тековно, нормално ќе си работат. Преговараме со дел од инвеститорите кои што се заинтересирани да инвестираат и многу брзо денеска ќе се надмине овој процес. Така што, јас повеќе сум загрижен дали ќе имаме доволно работна сила за сите оние инвестиции кои што се во процес на инвестирање“, рече премиерот.
СДСМ денеска реагираше дека „странските инвеститори си одат од земјава, се губат работи места“ посочувајќи на компанијата Аптив, која функционира во индустриската зона Бунарџик и вработува околу 500 луѓе, а која најави дека ја затвора својата фабрика во Бунарџик.
„Производствените капацитети се преселуваат во други земји, оставајќи стотици македонски граѓани без работа и егзистенција. Дополнително, компанијата Џонсон Мети, која исто така има долгогодишно присуство во Бунарџик, најавува намалување на бројот на работни позиции. Ова е јасен показател за лошата бизнис-клима, лошите економски политики, недостатокот на јасна стратегија и катастрофалното менаџирање со државата од страна на Власта. Наместо Владата да обезбеди услови за стабилност и раст на економијата, таа дозволува вакви удари врз економијата, работниците и нивните семејства. Податоците на статистика покажуваат загрижувачки тренд – извозот на земјава во периодот јануари-ноември 2024 година е намален за 5,9 проценти во споредба со истиот период во 2023 година. Ова не е случајност, туку директен резултат на неспособноста на власта на Мицкоски да се справи со економските предизвици“, реагираа денеска од СДСМ.