петок, 25 октомври 2024

Премиерот на Хаити Ариел Хенри поднесе оставка по зголеменото насилство во земјата

Премиерот на Хаити Ариел Хенри се согласи да поднесе оставка, изјави претседателот на групата карипски земји, по неколкунеделниот зголемен притисок и бранот насилство во земјата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Оваа вест доаѓа по состанокот на регионалните лидери во Јамајка на кој се разговарало за политичката транзиција на Хаити, пишува Би-би-си. Хенри моментално е заглавен во Порторико откако вооружени банди го спречија да се врати дома. Тој ја водеше земјата од атентатот на поранешниот претседател во јули 2021 година.

По состанокот во Кингстон, претседателот на Карипската заедница и претседател на Гвајана Ирфан Али рече: „Ја земаме во предвид неговата оставка по формирањето на преоден претседателски совет и назначувањето на привремен премиер“.

Силно вооружени банди ги контролираа улиците на главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс во последните денови, барајќи оставка од неизбраниот премиер. Во Порт-о-Пренс и неговата околина е на сила едномесечна вонредна состојба, додека полицискиот час е продолжен.

Хенри беше во Кенија за да потпише договор за распоредување меѓународни безбедносни сили за да помогнат во борбата против насилството кога коалицијата на банди нападна полициски станици и упадна во двата најголеми затвори на Хаити.

Авионот во кој се наоѓал Хенри бил спречен да слета по постојаните напади на меѓународниот аеродром на Хаити.

Хенри изрази желба да се врати на Хаити, но безбедносната ситуација мора да се подобри пред да може да го стори тоа, изјави висок американски функционер. Тој додаде дека Хенри ја донел одлуката да се повлече во петокот, но чекал официјално соопштение за да може да се одржат разговори.

Претседателот Али рече дека преодниот претседателски совет ќе има двајца набљудувачи и седум членови со право на глас, вклучително и претставници на неколку коалиции, приватниот сектор и граѓанското општество и верски водач. Советот доби мандат „брзо“ да назначи привремен премиер, рече тој.

Бранот на насилство на Хаити принуди повеќе од 15.000 луѓе да ги напуштат своите домови, предизвикувајќи се поголема беда и беззаконие. „Вооружените банди нè принудија да ги напуштиме своите домови. Ни ги уништија куќите и ние сме на улица“, вели Николас, кој спие во толку тесни услови што вели дека се чувствува како животно.

Ситуацијата ескалира минатата недела кога премиерот Ариел Хенри отиде во Кенија за да склучи договор за распоредување странски трупи за повторно воспоставување на редот. Владата прогласи вонредна состојба откако затвореници избегаа од двата големи затвори и се слушнаа силни пукотници во главниот град.

Амбасадите во меѓувреме го отповикаа својот персонал. Доминиканската Република, која го дели островот Хиспаниола со Хаити, се обидува да ја зајакне својата граница и рече дека нема да формира бегалски кампови за бегалците од Хаити.

Рејнолд Сен Пол, жител на населбата Лалу во Порт-о-Пренс, рече дека дошол во засолништето за да најде вода, ресурс што е во недостиг во главниот град. Групата за човекови права План интернешнел соопшти дека многумина бегаат од главниот град кон Артибонит, традиционално место за одгледување жито на Хаити, чии жители се соочуваат со недостиг на храна додека борбите се шират на север.

Групата извести дека многу семејства гладуваат, половина од децата не посетуваат настава, а лошите економски услови принудиле многумина да се приклучат на бандите. Се проценува дека 30 до 50 отсто од членовите на бандите се малолетни, соопшти групата за правата на децата.

Директорот на групата План интернешнл Аласане Драбо рече дека девојчињата се изложени на особена опасност од принуден брак бидејќи нивните родители не можат да ги задоволат нивните основни потреби.

„Широко распространето насилство на многумина им го одзема детството, а девојчињата се принудени да ги заменат училишните книги и леб за пиштоли и венчаници“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ