петок, 27 декември 2024

Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ со различен поглед на ставот на САД за проектот за автопатиштата

Објавено на

часот

Сподели

Договорот со американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка за изградбата на коридорите 8 и 10д има ниво на доверливост, но тоа не значи дека некој нешто сака да сокрие, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски, во интервју за дневникот на Сител, потсетува на обврзувачките процедури кои ги има во секој вид договор, односно за нивото на доверливост. Договорот, како што рече, ќе го добијат пратениците и ќе се уверат дека се запазени сите законски процедури, а е достапен до сите оние инстанци кои имаат право да го добијат согласно постапките и процедурите во државата.

Тој нагласи дека инфраструктурното делување во нашата држава е поддржано и од страна на Амбасадата на САД. 

„Амбасадата на САД поддржува, исто како што јас поддржувам американски и компании од ЕУ како и од наши партнерски држави да бидат дел од нашите инфраструктурни проекти. Токму Бехтел е една од најголемите американски компании во делот на инфраструктура. Самиот договор е правен врз основа на специјалниот закон и врз основа на запазување на сите процедури. Комитетот којшто работеше на подготовка на договорот и сите ресорни министерства ќе им бидат на располагање на пратениците, исто како што беа на располагање на медиумите во два наврати преку детални брифинзи да го објаснат. Истото тоа ќе се направи и за експертската јавност и за невладините организации. Целта ни е сите да се уверат дека се работи за проект којшто, прво е најголем проект, има огромно значење и заедно со другите проекти ќе има позитивен ефект на македонската економија“, рече Ковачевски

На кажаното реагира ВМРО-ДПМНЕ со став дека интервјуто е како показна вежба како изгледаат лагите на власта.

„Ковачевски по објавените сомнежи за криминал упатуваше на тоа одговори за договорот да се побараат во американските власти, а СДС го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е против САД. Амбасадата на САД јавно се огради од договорот со Бехтел и Енка и прстот го посочи кон Ковачевски, добивајќи ладен туш, што е јасно дека Ковачевски манипулирал.

Лага е дека договорот за Бехтел и Енка е тајна. Тој не смее да е тајна, но владата намерно не го објавува и го крие за да се сокрие криминалот.

Манипулација е што Ковачевски одбегнува да одговори зошто прифатил да плати дебели пенали и трошоци на Бехтел и Енка, а за возрат да ја зголеми работната недела. Зошто прифатил во земја со континентално право да се суспендира правниот систем и да важи англосаксонското право, како и да даде одговор зошто прифатил експропријацијата на легални објекти и дивоградби да биде по иста цена, и зошто за сите грешки при проектирањето на Бехтел и Енка трошоците ќе ги сноси државата?“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ