Според режисерот, парадоксалното и еретично откритие во оваа пиеса е дека совеста со истата суровост суди и за нестореното, за неслученото, за докрај нереализираната индивидуалност.
„Кај Чехов нема примирување пред гаснењето на божествената искра во човекот, туку некакво садистично-манијакално џарење во сопствениот пораз, отстапување- малодушие. Во тој гест на постојано бдеење над сопствената егзистенција е сета драматургија на Чехов, следствено и на нашата претстава. Таа е замислена како призив кон едно поодговорно живеење бидејќи низ призмата на Чехов животот секогаш е дар божји, па колку тоа и да звучи како клише, најверојатно, нема реприза“, напиша режисерот Ангелов.
Улогите во претставата ги толкуваат Кољо Черкезов, Васка Ангелова, Анкица Бенинова, Оливера Аризанова-Мансбард, Васил Михаил, Стојкан Велков Трн, Коста Ангов и Тинка Ристеска.
Сценографијата и плакатот се на Никола Пијанманов, музиката на Ставро Ангелаков, а костимите на Ванчо Василев.