понеделник, 24 февруари 2025

Предлогот на СДСМ за намалување и укинување на ДДВ за струја и прехранбени производи не помина на собраниска седница

Собранието во рамки на денешната 35-та седница ја донесе одлуката за распишување јавен оглас за избор на здружение од областа на човековите права, полициското право и правосудството за механизмот за граѓанска контрола во состав на Народниот правобранител, како и одлуката за објавување јавен оглас за именување директор на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Објавено на

часот

Сподели

Исто така со 61 глас „за“ и 13 „против“ беше изгласан и предлог на законот за изменување на Законот за меѓународна и привремена заштита. Пратениците ја утврдија и потребата за носење на измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите и на Законот за вршење на сметководствени работи, по скратена постапка.

Без дискусии помина првото читање од Законот за изменување на Законот за националната инфраструктура на просторните податоци на Македонија и постапката за носење на истиот ќе продолжи со второ читање, односно ќе се достави до Комисијата за политички системи, односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија на Собранието.

На седницата беше поддржана оценката дека неоправдано е барањето за автентично толкување на Законот за вработените во јавниот сектор, односно укинувањето на балансерот, поднесено од пратениците на ДУИ. Во име на подносителите на барањето, пратеничката Арина Ајдари истакна дека од денот на поднесувањето до ставањето на дневен ред на седница поминале шест месеци, поради што беспредметно е разгледувањето на ова барање, а упати и критика што досега не е донесен најавениот закон за правична застапеност.

Пратениците го изгласаа Законот за изменување на Законот за складирање и заштита од запаливи течности и гасови, по што на дневен ред се најде предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Македонија во второ читање. По гласањето за предлогот пратениците од ДУИ реагираа на начинот на утврдување присутни во салата при номиналното изјаснување на пратениците кои се припадници на немнозинските заедници, по што беше побарана пауза од еден час.

По паузата, продолжи 35-та собраника едница, во чии рамки пратениците со 61 глас „за“ и 13 „против“ го изгласаа предлогот на законот за изменување на Законот за меѓународна и привремена заштита. За предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите, по скратена постапка поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и за предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи, по скратена постапка, потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски истакна дека ќе бидат разгледани откако ќе се создадат деловнички можности.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски истакнадека Законот за заштита на потрошувачите ќе донесе транспарентност, фер конкуренција и заштита на потрошувачите. Дополнително, се дава и овластување на инспекторите да постапуваат на терен и да казнуваат доколку овој основ не биде застапен во маркетите.

„Во насока на заштита на стандардот на граѓаните ние укажавме дека нашите мерки ќе одат во два правци. Едниот е јавно објавување на цените на маркетите на нивните веб страници и вториот е мерката за којашто Владата ги извести граѓаните. За таа цел сакам да ве известам дека на денешната седница во понатамошна парламентарна постапка ќе помине Законот за потрошувачи поднесен од парламентарното мнозинство со којшто се уредува обврска за трговецот да ги означува и да ги објавува стоките со продажната и единечната цена за стоките на недвосмислен, видлив и читлив начин, а со цел подобра информираност на потрошувачот и за олеснување на споредливоста на цените“, изјави Стојаноски.

На седницата не беа прифатени три закони по скратена постапка, од кои едниот е предлог-закон за изменување на Законот за заштита на потрошувачите поднесен од пратеничката група на Левица, а што се однесува на укинивање на обврската за двојазични декларации на амбалажата на производите во трговијата. Не беше прифатен и предлогот за дополнување на Кривичниот закон со кој се бараа измени околу кршење на законот од страна на судиите.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ја образложи потребата од измена на Кривичниот законик, истакнувајќи дека ова е прва од серијата правосудни мерки кои Левица планира да ги поднесе.

„И наместо во овие услови да се заоструваат критериумите на судството, ние добиваме една неконзистентна политика од власта, а тоа е неочекувано продолжување на мандатот на судиите. Мандатот, впрочем, со последните измени кои вие ги донесовте во Законот за работни односи, се продолжува од 64 до 67 години за избрани и именувани лица, вклучително и во судството. И не е точно дека немаме доволно судии“, рече Апасиев.

Судиите, според него, уживаат многу привилегии и неопходно е воведување на кривична одговорност за незаконски одлуки, како и укинување на трајниот мандат на судиите.

„Сосема спротивно од целокупното европско законодавство и уставно право, воведовме нешто што го немаше од Хамурабиовиот законик до денес, а тоа е апсолутна неодговорност за носење пресуда. Го изменивме членот 100 и истите фосили од Правен факултет ни ги прават правосудните реформи, 200 години истите луѓе, и затоа доаѓаме до вакви неуедначени правила“, дополни Апасиев.

Посочи дека како други мерки од процесното и судското право, би предложиле и укинување на трајниот мандат на судиите.

„За ова, почитувани колеги вреди да го смениме Уставот, а не за Бугарите во Устав. Потоа, воведување на специјални судови во иднина, воведување на максимални преклузивни рокови за судење од страна на судија, ветинг на судиите со потекло на нивниот имот, антинепотистички закони за да не може братучед, прва братучетка, брат, сестра да бидат и судии и стручни соработници и претседатели на судови, и адвокати и нотари во едно исто апелационо подрачје, намалување на судските такси и трошоци и олеснување на бирократијата при водење на судски записници со стенографски белешки“, најави Апасиев.

На 35-та седница поддршка да се носи по скратена постапка не доби и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност, поднесен од пратениците на СДСМ, кои со ова законско решение бараа намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за електричната енергија и целосно укинување на овој данок за прехранбените производи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ