среда, 5 февруари 2025
Проблемот со работната сила во земјоделството

Предизвикот на македонските земјоделци: пристојни услови и сатисфакција за вложувањата

Македонија има 660.000 хектари обработлива земјоделска површина, од која сега се работат околу 350.000 хектари. Постојат три системи за наводнување на оваа земјоделска површина низ земјава, од кои може да се наводнуваат само 120.000 хектари, но и тоа повеќе е „теоретска можност“, бидејќи често се доведува во прашање колку тие системи се функционални и одржувани. Во однос на сточниот фонд, од некогашната бројка на 1.500.000 овци, сега таа е сведена на 400.000 овци. Всушност тоа е само една илустрација за намалувањето на сточниот фонд, во период од околу една деценија.

Објавено на

часот

Сподели

За механизацијата што се користи во земјоделскиот сектор во Македонија, се користи една непријатна метафора – „гробишта“ на старата југословенска земјоделска механизација. Процените се дека во Македонија има околу 50.000 трактори и 3.000 комбајни, главно произведени во фабриките на поранешната држава, која не постои речиси 35 години. При тоа, со таква механизација, при собирањето на приносите, речиси 20 отсто се растураат при жетвата, односно нема квалитетна обработка на почвата.

Како еден од резултатите на овие состојби во земјоделството, увозот на агропроизводи во Македонија е во вредност од 1 милијарда евра, додека извозот на македонски земјоделски производи е околу 500.000 милиони евра годишно.

Но за познавачите на состојбите во земјоделството, суштината на предизвиците во оваа стопанска гранка, по која Македонија беше препознавана како земја со квалитетно земјоделско производство и еден од главните столбови на економијата при создавањето на државата, е недостигот од работна сила. Овој „феномен“ на недостиг од работна сила во земјоделството дополнително стана изразен во комбинација со еден друг општествен предизвик – иселувањето од земјава, за што на последниот попис, спроведен во 2021 година, се покажа дека резидентното население во Македонија е намалено за речиси 200.000 жители.

Економска логика: Ако нема работници во земјоделството, граѓаните мора да купуваат скапа увозна храна

Воопшто, Македонија се соочува со сериозен проблем на работна сила, кој е исклучително изразен во земјоделството, бидејќи речиси и нема млади луѓе што би сакале да работат во овој сектор. Економската логика е немилосрдна: ако нема работници, нема ниту производство на домашна храна, што значи дека граѓаните мора да купуваат скапа, увозна храна и при најмали ценовни шокови, ќе плаќаат далеку поскапа храна отколку во регионот и во Европа. Податоците говорат дека просечната старост на земјоделците е над 50 години и дека речиси две третини се мажи, а само една третина се жени.

Примарниот предизвик во наоѓањето решение за проблемот со работната сила во земјоделството е како да се задржат и да се мотивираат младите да бидат земјоделци, но и како жените поактивно да се вклучат во овој сектор.

„Земјоделството веќе со години важи за еден од секторите што се најчувствителни на негативни влијанија: како на климатските промени, па кризите предизвикани од нови заболувања на животните и растенијата, кои се зачестени, па сѐ до дефицит на работна сила во земјоделството, особено во делот на подмладокот. Руралните средини имаат намалена атрактивност во однос на градовите, особено за младото работоспособно население, кое мигрира. Оттука, неопходни се повеќе сегменти за да се добие задоволителна бројка на земјоделци. Преку мерки и програми како министерство ќе се потрудиме да дадеме стимулација за земјоделците, особено на младите лица.

Подобрувањето на конкурентноста и одржливоста на приходот на земјоделските стопанства, влијанието на климатските промени и приспособувањето кон нив, како и обезбедувањето одржлив развој на руралните средини се генералните точки кон кои сме насочени“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за нивниот програмски фокус во мотивирањето млади работници во нивниот сектор.

Во однос на вклученоста на жените во земјоделството, односно за нивно поактивно учество во секторот, една од мерките на Министерството е жените да добиваат повеќе бодови при рангирањето за користење на програмите за финансиска помош.

Жените се клучни за македонското земјоделство. Имаме поддршка за жените што се регистрирани земјоделки. Тие се од големо значење за одржување на малите земјоделски бизниси и за намалување на родовата нееднаквост што постои во земјоделството. Според регистарот во министерството, активни рурални жени има 29.971. Од нив 3.918 се жени до 40-годишна возраст.

Во нашите програми имаме финансиска поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство, во програмата за финансиска поддршка на руралниот развој по другите мерки жената добива повеќе бодови при рангирањето за користење финансиска поддршка, т.е. жената има предност при аплицирање за мерките“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Потценетиот труд на земјоделците наведува на „изборот“ – сезонска работа или трајно иселување во странство

Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Марјан Ѓорчев искрено признава дека земјоделството никогаш не било високо на агендата на ниту една влада на Македонија, што во најголема мера придонесува за поразителната констатација дека во последниве децении не може да се зборува за речиси никаков рурален развој.

„Земјоделството само по себе е тешка и неизвесна професија. Бара постојано вложување, труд и посветеност, а приносите и приходите се под ризик на многу фактори. Освен тоа, ако си земјоделец, реалноста значи дека постојано да си извалкан, имаш земја под ноктите, кал на обувките и не мирисаш секогаш на парфем… Сето тоа, секако, не им е привлечно на младите луѓе, па и на повозрасните. Ако нема сатисфакција за сите тие одрекувања, и условите за живот и работа во руралните средини се запоставени, заработката од трудот и вложувањата е неизвесна, логично и човечки е да се бара полесен извор на приходи и поудобен начин на живот. Затоа имаме огромна депопулација во руралните средини, па речиси 70 отсто од населението во Македонија живее во градовите, а 30 отсто во селата. Од некогашните 80.000 домаќинства што се занимавале со земјоделство, т.н. „хаусхолдери“, сега има околу 30.000. Од некогаш 14.000 активни рурални населени места, сега се останати околу 1.600. Во поглед на инфраструктурата, уште повеќе се отежнати условите за живот на младите луѓе што би одлучиле да се занимаваат и да живеат од земјоделството и да формираат семејство. Една од примарните тешкотии е достапноста на здравствената заштита. Речиси и ја нема онаа поранешна мобилна здравствена грижа, што ги посетуваше селата, како еден вид примарна здравствена заштита. Многу основни училишта во селата се згаснати. Покрај сите отежнати услови за работа и живот во и од земјоделството, нема и некоја поддршка од државата, во смисла ослободување од плаќање данок – 5 или 10 години, како стимулација за младите земјоделци, односно да не згаснат земјоделските домаќинства“, вели поранешниот министер Марјан Ѓорчев, кој смета дека недостигот од сатисфакција од земјоделската работа во Македонија ги наведува македонските земјоделци попрво да одлучат да заминат на сезонска работа во странство (или дури и трајно да се иселат) отколку да работат на своите ниви.

Според Ѓорчев, основните предуслови за зголемување на интересот за работа во секторот земјоделство се воспоставување соодветна пристојна инфраструктура како економска подлога за живот во руралните средини, ослободување од даноци во определен временски период, субвенции за започнување на бизнисите и современа механизација.

„Под пристојна инфраструктура, мислам пред сѐ на оние пристојни услови за живот – патна поврзаност на руралните со поголемите урбани средини во близина, достапна здравствена заштита, можности за образование, воспитување и згриженост на децата од земјоделските семејства, т.е. домаќинства. Во денешно време, кога земјоделството во светот веќе е дигитализирано, па земјоделците во Германија преку ГПС-системи ги управуваат тракторите и комбајните, земјоделската механизација во Македонија во најголема мера е произведена во фабриките на поранешна Југославија, па дури и се нарекува ‘гробишта на старата југословенска земјоделска механизација’. Современите тенденции во земјоделството се со помалку работна сила да се постигнат поголеми ефекти, а нашите земјоделци се ‘борат’ со механизација што при собирањето растура 20 отсто од приносите. Значи, за почеток потребна ни е основна инфраструктура за потенцијалната работна сила во руралните средини, организирано водоснабдување и механизација“, порачува поранешниот министер за земјоделство Ѓорчев, кој и самиот практично обработувал земјоделска површина со лозја и вели дека од сопствено искуство ги знае предизвиците со кои се соочуваат земјоделците во Македонија.

Што е потребно за жените поактивно да се вклучат во секторот земјоделството

Во контекст на поактивното вклучување на жените во секторот на земјоделството, се покажува дека ограничувачки фактор е грижата за децата, како и за повозрасните членови од семејството. Како можни решенија се гледаат идеите за постоење на градинки за децата и домови за возрасни лица.

„Земјоделството претставува најзначајна економска дејност во руралните средини, која влијае на ублажување на сиромаштијата и невработеноста. Фактите говорат дека лицата од руралните средини се лишени од многу работи во споредба со населението од урбаните области. Преку надополнување на приходите на земјоделците и одржување на земјоделското производство, директните плаќања влијаат и на обезбедувањето социјална стабилност на руралното население, особено она што живее во подрачја со природни ограничености.

Мерките на поддршка во форма на директни плаќања имаат позитивно влијание кон дополнување и зголемување на приходите на земјоделските производители. Поддршката игра клучна улога во одржливоста на дејноста за најголем дел на македонските земјоделски стопанства, односно придонесува во зголемување на развојниот и инвестиционен потенцијал кај оние со поголеми производни капацитети и подобро управување со бизнисите.

Подобрената инфраструктура во руралните средини, модернизацијата – механизацијата што би го заменила човечкото присуство би дале поволни резултати, секако и поголема вклученост на жените во земјоделството.

Инфраструктурата се уредува преку мерките за рурална инфраструктура. Кога се објавува оваа мерка, самите општини си аплицираат со проекти за коишто сметаат дека се приоритетни за нивната општина. Министерството ги одобрува и тие подоцна се спроведуваат.

Условите за живот и работа во руралните средини се клучни за задржување на руралното население во земјоделските региони и во таа насока ќе продолжат инвестициите во комуналната инфраструктура и уредувањето на населените места. Ќе ги забрзаме заглавените постапки што треба да овозможат повеќе средства за овој тип инвестиции, кои се на располагање преку ИПАРД подолг период, но не се користат заради неакредитирање на мерката“, одговараат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за плановите за инфраструктурен развој на руралните средини.

 До кога македонското земјоделство ќе издржи без подмладок?

Фактот дека возрасната структура на работната сила во земјоделскиот сектор е во најголема мера над 50 години, оценката е дека тоа е крајно неповолна состојба за какви било развојни перспективи. Воедно, тоа го наметнува и прашањето дали постојат и какви се плановите за „подмладување“, како и до кога ќе „издржи“ македонското земјоделство, доколку не се преземат мерки за подмладување и нова работна сила.

„Преку надополнување на приходите на земјоделците и одржување на земјоделското производство, директните плаќања влијаат и на обезбедувањето социјална стабилност на руралното население, особено она што живее во подрачја со природни ограничености.

Образовниот систем во земјоделството го сочинуваат средните земјоделски училишта и високообразовните институции. Високото образование од областа на земјоделските науки, шумарството, дрвната индустрија, ветеринарната медицина и прехранбените технологии се многу значајни преку своите студиски програми да ги мотивираат младите да се занимаваат со гранки што порано беа многу почитувани и барани. Земјоделскиот факултет заедно со Финки минатата година отвори студиска програма – Дигитално земјоделство, која беше позитивно поздравена од нашето министерство“, велат од Министерството.

Високообразованите земјоделци професионалната перспектива ја гледаат во други сектори

Постои една дополнителна „контроверзност“ во предизвикот за подмладување на работната сила во земјоделскиот сектор. Многу вообичаено во македонското општество е дури и оние млади што имаат стекнато високо образование на факултетите соодветни за работа во земјоделскиот сектор својата професионална перспектива да ја гледаат во некои други економски сектори, а знаењето стекнато од студиите да им биде само запишано во дипломите, повеќе како административна потврда за степен на високо образование.

Јована Манева од Скопје, дипломирана инженерка по земјоделство на Земјоделскиот факултет при УКИМ, иако имала можности да го примени во практика своето стекнато знаење и да „работи по струка“, сепак одлучила професионално да се реализира во друг сектор.

„Додека сѐ уште бев студентка, почнав да работам во секторот транспорт, бидејќи од секогаш повеќе ми беше предизвикувачки транспортот и логистиката, поради постојаните трендови во тој сектор. Исто така, во овој сектор не е потребно големо предзнаење кога се почнува, за разлика од земјоделството. Па затоа и се одлучив да продолжам понатаму да се занимавам со транспорт и логистика и откако дипломирав на Земјоделскиот факултет“, искрено признава 28-годишната Јована.

Сепак, и покрај тоа што не работи активно во секторот за кој се образувала, Јована Манева смета дека „работната сила во земјоделството би се обезбедила кога државата би понудила поволни мерки за стартување во секторот“.

„Планот за подмладување во секторот веројатно би се зголемил, како што напоменав со поволни мерки, кои вклучуваат: организиран откуп со високи цени, субвенции за млад земјоделец, кои опфаќаат како одредена сума пари за почнување бизнис, доделување земјоделски машини без никаква доплата во првите години.

Жените повеќе и поактивно би се вклучиле во секторот кога би се обезбедиле услови за олеснување на домашните работи, како и целосна механизација при работата во земјоделството“, се согледувањата на Јована за предизвиците со работната сила во земјоделството.

Не може сите да седат по канцеларии да седат, некој треба и за мотика да се фати

Практиката во реалноста на оние што живеат од обработка на земјата пак покажува дека можноста што ја имаат од државата да го регулираат својот статус како индивидуални земјоделци, не е сосема идеално решение и исплатлива „инвестиција“ за нив.

„Како земјоделец кој обработува различни култури повеќе од 30 години сакам да го споделам ставот дека ако ги пресметате парите кои ги давате на почетокот на сезоната за да посадите и произведете и она што треба да го извадите со продажбата на производите, воопшто не е исплатливо да се регистрирате бидејќи ќе работите од тоа за тоа и ништо нема да ви остане. Потребни се семиња, препарати за прскање на производите како заштита од инсекти, најлони… а сето тоа чини доста, а особено откако цените и во земјоделските аптеки се покачени. Сепак работиме и за себе да јадеме здрави производи, но и за заработка која без да се пријавиме е минимална, а ако се регистрираме ќе биде дека нашата мака ќе ја јаде државата. Не знам дали луѓето се свесни дека ние земјоделците заработуваме скромно од производство, а сме повеќе од потребни во ова време кога никој веќе не сака да се фати за мотика. Сите сакаат да седат по канцеларии, а да јадат здраво. Тоа не е возможно. Кога нашите генерации ќе отидат, бидејќи поголемиот дел сме веќе пензионери, ќе нема кој да ја продолжи да работи и да произведува здрава наша исхрана. Е тогаш можеби ќе сфатат сите колкава вредност имаме ние земјоделците, кога ќе немаме производство и ќе се јаде сè увезено“, вели земјоделец од Скопско кој не е регистриран како индивидувален земјоделец.

Со оглед на констатираните состојби и предизвици со работната сила во земјоделството во Македонија, како „добро познати“, наместо заклучок се поставува прашањето: постои ли одредена институционална визија, односно вистинско решение за овој проблем?

„Со посветена работа и сериозен пристап за надминување на сите предизвици, треба да има резултати. Сведоци сме дека подолг временски период на земјоделството не му се посветувало доволно внимание и е доведено на ова ниво во кое сме сега. Заложбите се да се поправат штетите и да се работи во насока на остварување на резултати што ќе бидат ефективни на подолг рок“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како најповикана институција за справување со овој долго напластуван предизвик во некогаш носечкиот економски сектор на Македонија.

Јасминка Павловска

Со овој текст, МКД.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ