Патните трошоци се злоупотребуваат од страна на функционерите, што создава неверојатна фрустрација кај народот, велат од Левица.
„Предлогот на Левица е патните трошоци да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри гориво на секои изминати 100 километри. Сметаме дека ова е далеку пореално и рационално решение, кое ќе биде прифатливо за целиот Парламент, а ќе стави крај на астрономските суми кои пратениците ги земаат од државниот буџет. За Левица одговара и нивно целосно укинување, но за да биде прифатливо за мнозинството, го предлагаме законот во оваа форма“, велат од Левица.
Оттаму потсетуваат дека од пратеничката група на Левица никој не користи надоместоци за патни трошоци, ниту пак за кирии, иако има пратеници и од Гевгелија и од Струга, од каде, всушност, пратениците земаат и по 800.000 денари за патни трошоци.
„Пратениците од Левица си плаќаат сами кирија во Скопје, од својата пратеничка плата. Апелираме до мнозинството и до власта, на седницата в среда да го усвојат овој рационален закон за ограничување на патните трошоци! Тие средства може да се пренаменат за подобрување на квалитетот на живот на сиромашните и ранливи групи граѓани, како во здравствената, така и во социјалната сфера“, велат од Левица.