петок, 20 септември 2024

Повеќе од 17 години Бугарија не ги спроведува пресудите на ЕСЧП, Советот на Европа бара брзо решение

Министерството за надворешни работи (МНР) изразува задоволство од последниот годишен Извештај на Комитетот на министри на Советот на Европа за состојбата со имплементацијата на пресудите на Европскиот суд за човекови права, групата случаи “ОМО Илинден и другите против Бугарија”, во врска со одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците во државата, велат извори на МНР. Во извештајот, меѓу другото се нотира дека Бугарија 17 години по ред не ги регистрира македонските здруженија и не ги имплементира пресудите на Европскиот суд за човекови права поврзани со македонското малцинство во Бугарија.

Објавено на

часот

Сподели

„Придржувајќи се до принципот на задолжителност и извршност на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), водејќи се од обврската во Законот за надворешни работи за грижа за положбата и правата на припадниците на македонското малцинство, но и неотстапно следејќи го востановеното правило во меѓународното право и односи дека интересот за почитувањето на човековите права на малцинствата во другите држави не претставува мешање во внатрешните односи на односната држава, Министерството за надворешни работи изразува задоволство за последната одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа за состојбата со имплементацијата на пресудите од групата случаи ‘ОМО Илинден и другите против Бугарија’“, велат извори од МНР.

Комитетот на министри на Советот на Европа во својот последен извештај за 2023 година констатира дека властите во Бугарија и натаму не ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и не дозволуваат регистрација на здруженијата кои се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија.

Повеќе од 17 години Бугарија не ги регистрира здруженијата на Македонците 

Комитетот изразува жалење „поради фактот што и покрај усвојувањето на Привремената резолуција ЦМ/РесДХ (2020) 197 и последователните одлуки, повеќе од 17 години по првата правосилна пресуда на ЕСЧПво оваа група случаи, на апликантите и на другите слични здруженија и понатаму рутински им се одбива регистрација, главно поради поширокиот проблем на неодобрување на нивните цели, и се соочуваат со постојано појавување на нови основи за одбивање, иако документите за регистрација биле постојано испитувани“.

„Комитетот ги повика бугарските власти да преземат решителна акција за да се осигураат дека секое ново барање за регистрација на асоцијациите апликанти или на здруженија со слични цели се испитува во целосна согласност со член 11 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Комитетот, исто така, силно ги повика бугарските власти да усвојат мерки за продолжување на обврската на Агенцијата за регистрација да дава упатства за исправка на документите за регистрација и да се погрижат Агенцијата и судовите исцрпно да ги идентификуваат дефектите на досието“, се наведува во Извештајот на Комитетот на министри на Советот на Европа.

Според член 11 од Конвенцијата, секој има право на слободно, мирно собирање и на здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа и да стане член на синдикат за ги заштити своите интереси.

„Остварувањето на овие права може да се ограничи само со закон и само доколку тоа е неопходно во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, за спречување на неред или кривично дело, за заштита на здравјето и моралот или за заштита на правата и слободите на другите. Овој член не го спречува поставувањето на законски ограничувања за припадниците на воружените сили, полицијата или државната администрација“, пишува во Европската конвенција за заштита на човековите права.

Комитетот на министри од Бугарија бара брзо спроведување на пресудите

Освен повикот за спроведување на пресудите на ЕСЧП, Комитетот на министри на Советот на Европа, побара од претседавачот да испрати писмо до неговиот бугарски колега, во кое се нагласува потребата да се изнајдат брзи решенија за целосно и ефективно почитување на обврските што произлегуваат од пресудите на ЕСЧП во овие случаи.

„Ова е релативно редок чекор преземен од Комитетот на министри во само неколку случаи до денес“, се наведува во Извештајот за 2023 година.

На Комитетот на министри на располагање им стои и уште една алатка, а тоа е предлагање за поведување на тужба против државата која не ги спроведува пресудите на ЕСЧП.

За состојбата со македонското малцинство во Бугарија меѓу другото зборуваше и заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски кој од 9 до 11 септември годинава предводеше делегација која учествуваше на Ереван дијалог форумот.

Во дебата насловена како ,,Превирањата во глобалниот поредок: Барање решенија”, Димитровски меѓу другото рече дека мултилатерализмот не ги дава очекуваните резултати, зашто организациите што треба да ги спречат војните и да ги менаџираат конфликтите, како Обединетитев Нации (ОН) и ОБСЕ, на пример, се блокирани.

„А тоа се гледа и на микро план, на случајот на Македонија. Нашиот јужен сосед, на пример, не ја почитуваше пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг за членство на Македонија во меѓународните организации под референцата БЈРМ, а источниот сосед не ги почитува пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за регистрирање на здруженијата на Македонците. Очигледно повторно силата и интересите се тие што ќе ги определуваат контурите на светскиот поредок кој е во транзиција, но алијансите како НАТО и ЕУ, кои се сојузи на слободни и демократски општества не треба да применуваат двојни стандарди кон кандидатите. Македонија сака да стане членка на ЕУ и да ги исполни Копенхагенските критериуми, владеењето на правото, демократијата, човековите права, пазарната економија, а не условувањата за идентитетот, историјата, потеклото на нашиот јазик или етничката припадност на македонските револуционери“, истакна Димитровски.

Годишниот извештај на Комитетот на министри на Советот на Европа содржи преглед на достигнувањата и предизвиците забележани во извршувањето на пресудите и одлуките на Европскиот суд за човекови права во 2023 година. Тој исто така дава преглед по држави, заедно со статистички податоци за нови, нерешени и затворени случаи, исплата на правична отштета доделена на апликантите и поднесување на акциони планови и извештаи од страна на испитаните држави.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ