Утрово како бомба одекна веста дека Луис Хамилтон ќе се пресели во Ферари, и во 2025 ќе вози за најуспешниот тим во Формула 1.
Вечерва пристигна официјална потврда, Британецот ја искористил опцијата да се ослободи од последната година од договорот со Мерцедес и да потпише за Ферари.
„Имав прекрасни 11 години со овој тим и горд сум на успесите кои ги постигнавме заедно. Мерцедес е дел од мојот живот уште кога имав 13 години. Ова е местото каде пораснав, па одлуката да заминам е најтешката која морав да ја донесам во кариерата. Но ова е прав момент за еден ваков чекор и возбуден сум што ќе имам нов предизвик“ – порача Луис Хамилтон.
„Засекогаш ќе бидам благодарен на неверојатната поддршка од Мерцедес, особено на Тото. Останувам 100% посветен да го прикажам најдоброто од себе оваа сезона и последната моја година со „Сребрената стрела“ да биде за паметење“.