Мицкоски посочи дека проектот за изградба на нова спортска сала е во вредност од 34 милиони денари и е наменет за 180 деца од ова населено место.
„Проектот е вреден 34 милиони денари, нешто што повеќе од шест децении е потреба на овие три населени места овде, за ова училиште каде што учат 180 дечиња од овие населени места во општина Гази Баба. Не сакаме да бидеме погрешно сфатени, имаме многу амбициозна агенда. Веќе на почетокот на наредната година, ќе објавиме нов повик, којшто планираме да биде малку подолг и во рамките од три месеци општините да доставуваат проекти, за да немаме дополнителни екстензии и да можеме да го продолжиме ветувањето, тоа што го ветивме“, рече Мицкоски.
Градоначалникот Стефковски посочи дека во рамки на училишната сала, ќе се градат и помошни простории за складирање и чување на спортски реквизити, како и канцеларии за наставниот кадар.
„Училишната сала која започнува да се гради, ќе може да се користи за различни категории на спорт: и тоа за кошарка, за одбојка, за ракомет и за други активности во физичкото и здравственото образование. Дополнително, ќе се градат и помошни простории, соблекувални со тоалети, опремени со тушеви, канцеларија за наставниот кадар и простор за складирање и чување на спортските реквизити“, посочи Стефковски.
Јаневска истакна дека создавањето на подобра инфраструктура и услови за одвивање на воспитно-образовниот процес е целта на Министерството за образование и наука.
„Наша цел, како Министерство за образование и наука и моја лична цел, како министерка за образование и наука е секаде каде што може, во соработка со локалната самоуправа, да создадеме што подобра инфраструктура, услови за одвивање на воспитно-образовниот процес. За квалитетна настава, учениците и наставниците треба да имаат услови. Оваа влада тоа го реализира, со повеќе буџетски средства во текот на мандатот планираме изградба на нови 30 училишни спортски сали во различни општини“, рече Јаневска.