Документарниот филм LITTLE BLUE NOTHING е интимно патување низ светот на Ирена и Војтех Хавлови, пар таинствени виолисти што живеат во преградието на Прага, на маргините на цивилизацијата. Овој музички тандем во 1991 година го сними албумот наречен „Malé Modré Nic (Little Blue Nothing)“, кој останува целосно анонимен во тоа време. Петнаесет години подоцна, тројца режисери случајно го откриваат и – опседнати од неговата уникатната уметничка содржина – започнуваат да ја истражуваат приказната за двете мистериозни музички појави. Овој филм ја документира нивната средба, во сината магла на прашките преградија.
Чешкото дуо Ирена и Војтех Хавлови (The Havels) има речиси 40-годишна заедничка уметничка кариера и партнерство зад себе. Започнаа да работат заедно кон средината на 80-тите како дел од експерименталниот ансамбл Capella Antiqua e Moderna, уникатна асоцијација на музичари чиј репертоар опфаќаше различни стилови на европската класична музика: од ренесансата до современата. Со текот на годините тие минаа низ неколку сопствени развојни фази, патувајќи долго и широко низ времето и просторот. Со својот инвентивен и неортодоксен пристап кон историските и модерните композициски техники и интерпретативни процеси, Хавлови развија уникатен и музички автономен јазик кој е тешко, ако не и невозможно, да се дефинира. Во изминатите 40 години тие бележат бројни значајни соработки. Прославениот независен режисер Винсент Мун сними документарен филм за нив. Композицијата на Брајс Деснер „Little Blue Something“, создадена во чест на музиката на дуото од Прага, која ги користи нејзините мотиви, ја снимиja Kronos Quartet на албумот „Aheym“. Музичарите од бендот The National, како и Суфјан Стивенс, се меѓу долгогодишните обожаватели на Хавлови. Нивната музика е отворена и сè уште расте добивајќи нови стимули.
|