четврток, 26 декември 2024

Поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на црната листа на САД

Поранешниот прв заменик претседател на Владата и министер за политички систем Артан Груби и неговто семејство како и судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети се новите имиња на црната листа на САД. Ова е најновата одлука објавена денеска на официјалната веб страница на американската Влада. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, на официјалната фејсбук страница на амбасадата напиша дека денешното назначување на Груби и Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира.

Објавено на

часот

Сподели

На Меѓународниот ден за борба против корупцијата и во пресрет на Денот на човековите права, Соединетите Американски Држави (САД) преземаат активности за промовирање на одговорност за сторителите на корупција и злоупотреба на човековите права ширум светот, се наведува на веб страницата на американската администрација која на најновата црна листа додаде нови луѓе од цел свет поради „вмешаност во значителна корупција“.

Од Македонија на црната листа на САД нови имиња се Артан Груби, поранешниот вицепремиер на Македонија и министер за политички систем и Енвер Беџети, судија на Апелацискиот суд Скопје.

„Согласно членот 7031(в), Стејт департментот јавно ги назначува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше назначен во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а Канцеларијата за контрола на странски капитал (ОФАЦ) при Министерството за финансии на САД го санкционираше според Е.О. 14033. Како дел од оваа акција се назначени и членовите на потесното семејство на Груби“, пишува на официјалната страница на американскиот Стејт департмент.

Дополнително, се наведува во соопштението, согласно Претседателскиот проглас 10685 издаден од претседателот Џо Бајден, надлежните презеле акција за ограничување на визите на поединци кои овозможиле, олесниле или на друг начин биле вмешани во значителна корупција и на членовите на нивните потесни семејства.

Досега на оваа листа се најдоа бројни имиња на политичари и бизнисмени од Македонија како и нивните семејства.

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, на официјалната фејсбук страница на амбасадата напиша дека денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира.

„САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучуваат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок”, напиша Агелер.

Таа во јули годинава изјави дека црната листа е динамична и ќе се менува.

„Црната листа е нешто што се прави согласно нашите закони. Станува збор за листа, која е динамична, органска, која постојано трпи промени. Има мноштво имиња, од кои може да се избере и да се достават на разгледување во Вашингтон. Во моментов се разгледуваат имиња, се разгледуваат случаи, се следи ситуацијата воопшто“, рече Агелер.

На црната листа на САД од Македонија се и градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски и екс-специјалната обвинителка, Катица Јанева, како и нивните семејства, на кои им е забранет влез во САД. Минатата година, на црната листа беа ставени и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, екс вицепремиерот и бизнисмен Кочо Анѓушев, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева. Паралелно на црната листа беа ставени и некои од нивните фирми. На црната листа се и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот премиер, Никола Груевски.

Црната листа на САД требаше да биде дел македонското законодавство. Поранешниот министер за надворешни работи и сопартиец на Груби, Бујар Османи на почетокот на 2024 година најави дека до Владата ќе предложи измени на Законот за рестриктивни мерки со кои за македонски граѓани кои ќе се најдат на американската црната листа Владата ќе преземе обврска веднаш да постапи, односно да ги побара доказите за таквата одлука и да ги достави до македонското обвинителство.

По ова реагираа експертите кои застанаа на ставот дека странското право не може директно да се применува, потребен е македонски Магнитски закон.

МКД.мк претходно пишуваше дека на Македонија не ѝ треба црната листа на САД за да гони висока корупција.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ