Земјата се бори со голем број нови затвореници поради порастот на криминалот поврзан со бандите, пишува Ројтерс.
Министерот за правда Гунар Стромер кажа дека постои потреба да се работи на решенија во затворската служба, како и во службата задолжена за условно пуштање на затворениците на слобода. Тој додаде дека Шведска е веќе во преговори со други земји за изнајмување простор во нивните затвори.
Шведска ја зафати проблем со криминалот поврзан со банди кој порасна во последните две децении, а земјата стигна на врвот на листата на европските земји по смртоносната употреба на огнено оружје по глава на жител.
Опремена со нови закони и зголемени персонал и финансирање, шведската полиција постигна напредок во борбата против бандите – има помалку смртоносни пукања и повеќе осуди во последните две години.
Иако овој успех е дочекан со одушевување, тој создаде притисок врз затворскиот систем. Во 2023 година, последната за која се достапни податоци, шведските судови изрекле казни затвор кои вкупно изнесуваат нешто помалку од 200.000 месеци, што е зголемување од 25 отсто во однос на претходната година и двојно повеќе во споредба со 2014 година.
Шведските затвори се полни, а затворската служба наведува дека до 2033 ќе бидат потребни околу 27.000 кревети, во споредба со 11.000 колку што ги има сега.
Матијас Вахштет, шефот на комисијата, кажа дека не постојат правни пречки за изнајмување затворски места во странство, но дека предлогот во таа насока мора прво да помине низ парламентот.
Покрај тоа, властите се соочуваат со невидена низа експлозии, пред сè во регионот на главниот град Стокхолм. Само во јануари имало 30 експлозии, од кои повеќето биле дело на банди кои вршеле изнуди од компании и граѓани, соопшти полицијата.