Шведскиот вршител на должноста амбасадор беше информиран за „најжестоката осуда и отфрлање на овој неприфатлив чин“ од страна на Мароко, се вели во соопштението објавено од Министерството за надворешни работи.
„Овој нов навредлив и неодговорен чин ги игнорира чувствата на повеќе од две милијарди муслимани за време на овој свет период на големиот аџилак во Мека и на благословениот празник Курбан Бајрам“, се нагласува во соопштението.
„Без разлика на политичките позиции или разлики што може да постојат помеѓу земјите, Кралството смета дека е неприфатливо верата на муслиманите да биде навредена на ваков начин, да не се почитуваат принципите на толеранција, а вредностите на универзализмот да се сведат на прифаќање на ставовите на неколкумина, без нималку обѕир кон верувањата на повеќе од милијарда муслимани“, се додава во соопштението.
Шведските власти во средата одобрија мала демонстрација на која беше запален Куранот пред џамија во Стокхолм. Иако само едно лице учествувало во демонстрацијата, придружено од неговиот преведувач, овој потег предизвика гнев кај муслиманите во целиот свет.