За делови од јужна Германија и понатаму е на сила предупредување за поплави, иако повеќе региони со денови се под вода. Количеството врнежи полека се намалува, но постои голема опасност за два големи региони на Германија.
Во Аугсбург во Баварија е прогласена вонредна состојба поради големите врнежи и порастот на нивото на водата. Се очекува реките во следните денови нагло да пораснат. Некои делови ќе бидат особено погодени, па жителите добиле предупредување да се евакуираат од своите домови.
Регионот на Боденското Езеро е исто така погоден и под ризик од поплави. Околу 1.300 луѓе во Баден-Виртемберг добиле предупредување за евакуација.
Покрај Дунав, има уште неколку реки кои се закануваат со излевање, поради што спасувачките екипи се на терен. Вакви поплави статистички се случуваат еднаш во 50 или 100 години. Реките Рајна и Некар исто така можат да предизвикаат катаклизма, ако дојде до излевање од коритата.
Засега е познато дека пет лица настрадале во поплавите, меѓу кои и еден пожарникар, додека неколку се водат како исчезнати. Германската полиција во вторникот потврди дека тело на жена е извлечено од автомобил кој потонал во поплавите во Баварија.
Во Италија, локалните медиуми јавуваат дека три млади лица настрадале поради излевање на река на североистокот на земјата, што довело до поплава.
Цел Дунав е голема опасност, по пукањето на брана во Линц, третиот по големина град во Австрија.
Во Унгарија метеоролозите предупредуваат на значителни врнежи во следните денови, а постои загриженост дека порастот на нивото на Дунав ќе се прошири и во Словачка.
Во местото Борачева во Словенија обилните врнежи предизвикале поплави и се поплавени околу 100 куќи, а жителите се евакуирани поради предизвиканите одрони.