сабота, 8 февруари 2025

Полскиот премиер: Во ЕУ не смее повеќе да се поскапува енергијата

Премиерот на Полска, која од јули претседава со Европската Унија, Доналд Туск, изјави по разговорот со европските комесари во Гдањск дека во ЕУ повеќе не смее да биде донесена ниедна одлука која би ја поскапела енергијата, бидејќи во спротивност конкурентноста на Европа ќе стане чиста илузија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сите сме свесни дека нашите активности во заштитата на животната средина и климата не смеат да донесат бреме кое ќе биде ризично за европските претпријатија и семејства. Во Европа не смее да се донесе повеќе ниедна одлука која би ја поскапела енергијата. Сите мораме да се фокусираме на тоа да носиме одлуки чиј непосреден ефект ќе биде поевтинувањето“, кажа Туск на заедничка прес конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

Полскиот премиер истакна дека климатските цели договорени во Зелениот договор не се менуваат, бидејќи е јасно дека на планетата ѝ е потребна заштита, но дека тоа не може да биде на штета на граѓаните и економијата.

„Во спротивно нашата конкурентност ќе биде чиста илузија“, кажа Туск.

„Решителни сме, се држиме до нашата цел за климатска неутралност. Но прашањето е како да дојдеме до нив. Мораме да бидеме попрагматични и пофлексибилни“, се сложи Фон дер Лаен.

Претседателката на ЕК предупреди дека најскапата енергија е онаа која се увезува.

„Во ЕУ минатата година 50 отсто од енергијата доаѓала од обновливи извори. Она што недостига, а тука можеме да помогнеме, е транспортот на енергијата, интерконекторите. Колку е подобра мрежата толку полесно ќе се пренесува и енергијата ќе биде поевтина“, кажа европската функционерка.

ЕК ќе претстави план за заедничко купување енергенси бидејќи набавките за големиот европски пазар секогаш се по поповолни цени отколку кога членките поединечно ги увезуваат за своите мали пазари.

„Европа мора да биде најсилна, конкурентна, а луѓето во неа најбезбедни во светот“, кажа Туск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ