среда, 19 февруари 2025

Полскиот премиер ја повика Европа итно да подготви план за Украина

Полскиот премиер Доналд Туск денеска ги повика Европејците итно да направат план за Украина и безбедноста на континентот, за нејзината иднина да не ја обликуваат други, бидејќи може да се случи мирот за кој преговараат светските играчи да не биде во согласност со европските интереси.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„На Европа итно ѝ треба план, свој план за акција во однос на Украина и нашата безбедност, инаку други светски играчи ќе одлучуваат за нашата иднина. И тоа не мора да значи дека ќе биде во согласност со нашите интереси“, изјави на социјалната мрежа Икс премиерот на Полска, која претседава со ЕУ.

Тој нагласи дека овој план мора да се направи веднаш. „Немаме време за губење“, изјави Туск.

Во денешното интервју за американскиот телевизиски канал Си-ен-ен, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека Европа мора да почне да инвестира повеќе во својата безбедност, барем колку за време на Студената војна, што значи три до четири отсто од БДП годишно.

„Одвојувањето од три до четири отсто од БДП беше вообичаено за време на Студената војна. Европа и онака долго време има корист од фактот дека владее мир. Имаме што да надоместиме. Треба да издвоиме повеќе за одбраната“, изјави Сикорски.

Во однос на барањето на САД Европа да издвојува дури пет отсто од својот БДП годишно, до што само Полска се приближува со 4,7 отсто, додека Вашингтон издвојува помалку од четири отсто, Сикорски предупреди дека американските средства не одат само во зоната на НАТО, туку и за нивното воено присуство низ светот.

„Да имаме на ум дека Европа нема глобални обврски. Ние се грижиме само за одбраната на Европа, додека САД имаат бази на териториите на половина од земјите во светот. Ако сите издвоиме два до три отсто, тоа би било многу голема инвестиција во заедничкото обезбедување на безбедноста на Западот“, изјави Сикорски, пренесуваат полските медиуми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ