„Со британските и американските проектили Украинците успеаја да ги натераат Русите да ги поместат своите логистички центри, своите магацини за муниција, своите командни и контролни центри, своите сообраќајни врски подалеку од фронтот. А германските проектили би ги присилиле да се повлечат уште подалеку“, кажа тој.
Сикорски ги критикуваше долгите процеси на носење одлуки во германската влада. „Берлин има историски причини да биде нервозен околу испраќањето воен материјал или трупи. Го разбираме тоа, но се надеваме дека вашите одговори ќе бидат брзи“, кажа тој за германската агенција ДПА.
„Се чини дека Русите се во офанзива. На Украина ѝ недостига муниција“, кажа тој. За проектилите „таурус“ кажа дека оваа динамична ситуација значи дека „одлуката за шест месеци нема да биде иста“. Германскиот канцелар Олаф Шолц повеќе пати ја отфрли можноста за испорака на овие високо прецизни проектили на Киев наведувајќи го како причина можното ескалирање на ситуацијата.
Британија и Франција ѝ испорачуваат крстосувачки ракети на Украина, наведува ДПА. Сикорски сугерираше дека Берлин има лажно чувство на безбедност околу руските акции оценувајќи дека и германската престолнина е потенцијално во дострел на руските проектили.
„Можеби мислите дека имате повеќе време за реакција бидејќи не сте сосед на Русија, некои од вас дури мислат дека ја имате Полска помеѓу“, кажа Сикорски наведувајќи дека „постојат проектили „искандер“ со нуклеарни боеви глави во Калининград со дострел до Берлин“.