среда, 4 декември 2024

Половина милион луѓе викендов се возеа со новото метро во Солун

Во Солун цел викенд траеше голема спонтана прослава додека, според проценките на грчките медиуми, се возеле најмалку половина милион луѓе од сите возрасти – што е половина од жителите на тој грчки град и околината, како и странските посетители во новото метро, ​​кое е 40 метри под земја во должина од девет и пол километри и патува меѓу безбројни археолошки наоди, изложени на станиците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Солунското метро конечно профункционира и според општо признание не е само средство за јавен превоз што го олеснува секојдневниот живот, туку е и приказ на повеќе од две илјади години историја на градот.

Жителите три децении не престанаа да се надеваат дека ќе го добијат метро кое се градеше со прекини и тешкотии.

Примопредавањето на метрото во саботата напладне го извршија претседателката на Републиката Катерина Сакеларопулу и премиерот Киријакос Мицотакис, кој ја критикуваше поранешната левичарска влада на Сириза, бидејќи ги прекина работите од 2015 до 2019 година.

Луѓето од утрото чекаа со часови да влезат во еден од првите целосно автоматизирани возови, без машиновозач, откако ги освети солунскиот митрополит на Грчката православна црква Филотеј.

Со извици на восхит, многу фотографии, дури и видео преноси до оние што останале дома, многу луѓе со извици „Вредеше да се чека“ и по повеќе пати се возеа по 17 минути од крај до крај на линијата со 13 најсовремени станици, како и горе-долу по долгите ескалатори на станиците.

На ивиците на пероните крај шините не може да се пристапи бидејќи станиците се опремени со автоматски системи на стаклени врати кои се отвораат само кога возот ќе застане точно пред вратата на вагонот, за максимална безбедност и удобност.

На Линијата 1 сообраќаат 18 возови Хитачи реил Италија Метро без возачи, а 15 ќе бидат распоредени на Линијата 2. Тоа се зглобни возови со четири вагони долги 50 метри, со 96 седишта и 370 места за стоење.

За време на најкритичните часови возовите ќе сообраќаат на секои 3,5 минути, со можност од следната година, кога ќе заврши продолжувањето до Каламарија, да се намали на 90 секунди.

Сè е ново и сјајно, што не останува незабележано, како и фактот дека чинел три милијарди евра, што го прави едно од најскапите метроа во светот ако цената се пресметува по километар.

Медиумите се жалат дека на двете главни станици – Венизелос и Аја Софија се создава толкава гужва што раководството на метрото е принудено повремено да ги затвора пероните.

Тоа е делумно затоа што возењето е бесплатно до вторник, а потоа билетите ќе се наплаќаат по 0,60 евра, што дел од медиумите го сметаат за скапо. Работното време на метрото е од 5:30 до 00:30 часот, а за викенди до 02:30 часот.

Повеќе од 300.000 вредни антички предмети биле пронајдени за време на археолошките работи при изградбата на првата, главна линија на метрото, од кои 700 се изложени на станицата Аја Софија, а други импресивни наоди се поставени на станицата Венизелос.

Најавени се уште две важни линии на метрото – до аеродромот и до населените места на западниот дел од Солун. Се очекува втората линија и уште пет станици во изградба да бидат во функција на крајот на 2025 година.

Со метрото, чии линии минуваат низ две еднонасочни тунелни цевки, управува компанијата „Тесалоники метро аутоматик (ТХЕМА)“, француско-италијанскиот конзорциум што го изгради.

Предложен уште во 1910-тите и првпат планиран во 1980-тите, проектот првенствено беше финансиран со заеми од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европскиот фонд за регионален развој (ЕРДФ), како и средства од грчката влада.

Од среда, 4 декември, билети и картички за повеќе патувања ќе се издаваат само со готовинско плаќање со користење на 104 автомати, на 13 станици.

Редовниот основен билет чини 0,60 евра, а 0,30 е намален за некои категории патници, и двата важат по 70 минути од првото валидирање при првото качување, со неограничен број на патувања во тоа време.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ