четврток, 19 септември 2024

Политико: Западот преку Турција купува руска нафта и ја финансира руската војска

Западните сојузници купиле околу 2 милијарди долари вредно гориво направено од руска нафта во првата половина на 2024, користејќи дупка во санкциите која ѝ овозможува на Москва да ја финансира својата војна во Украина, покажува извештај го објави Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Анализата, која следната недела заеднички ќе ја објават Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух и Центарот за проучување на демократијата, утврдила дека испораките на бензин, дизел и други производи од руска сирова нафта пораснале во последните месеци како резултат на увозот од три турски рафинерии.

Увозот е технички легален поради добро познатата дупка во западните санкции против Русија од 2022 година. Додека Европската Унија и нејзините сојузници го забранија речиси целиот увоз на руска нафта, земјите и понатаму можат да купуваат гориво од руско потекло ако се преработи во друга земја, како Турција.

Според извештајот, Турција и западните компании кои купуваат гориво од неа сè повеќе ја користат оваа ситуација.

Само во првата половина на 2024, ЕУ, САД, Британија и другите западни сојузници купиле гориво во вредност од околу 2 милијарди долари произведено од руска нафта во три турски рафинерии. Турција во меѓувреме заработува на попустите од 5 до 20 долари по барел од Москва, зголемувајќи го својот увоз од Русија за 34 отсто во 2023 и за 70 отсто оваа година.

„Кога ЕУ увезува бензин од Турција, тој е 10 отсто поевтин отколку што би бил од Саудиска Арабија“, кажа Ваибхав Рагунандан, аналитичар на Центарот за истражување енергија и чист воздух. „Но тие заштеди воопшто не се пренесуваат на потрошувачите, профитираат само компаниите и трговците. Некој се богати од оваа трговија“.

Иако ЕУ и САД ги воведоа санкции тврдејќи дека ќе ѝ го скратат на Москва ќарот од фосилните горива, таа индустрија останува сигурен извор на пари за руската воена машина. Според анализата, даночните приходи кои Москва ги собира од продажбата на горивото продадено на западните земји ѝ овозможуваат на Русија да регрутира дополнителни 6.200 војници месечно за конфликтот во Украина.

Западните земји исто така не можат да тврдат дека не знаат за вистинското потекло на горивата.

Според извештајот, една од турските рафинерии, Стар Ејџиан е во сопственост на Азербејџан, и 98 отсто зависи од руска сирова нафта, а околу 73 отсто од снабдувањето доаѓа од рускиот енергетски џин Лукоил, на кој САД му воведоа санкции. Сепак, речиси 9 од 10 барели од рафинеријата одат во западните земји кои се сојузници на Киев.

„Ова што се случува е директно кршење на духот на законот за санкциите“, смета Мартин Владимиров, енергетски експерт во Центарот за проучување на демократијата. „Нашата препорака е ЕУ и земјите од Г7 да забранат увоз на нафтени производи рафинирани од руска нафта, тоа е многу едноставно“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ