среда, 23 октомври 2024

Политико: Вучиќ со ветувањата за литиум го освојува Западот, но го губи народот

Претседателот на Србија Александар Вучиќ успеа да склучи договор за снабдување на Европската Унија со литиум кој ѝ е потребен за напојување на електричните возила, но со тоа повторно го оживеа масовното движење против големиот рударски проект кој го поддржуваат и Брисел и Берлин, пишува бриселскиот портал Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во текстот „Лидерот на Србија го освојува Западот со ветувањата за „белото злато“, но го губи народот“. Политико наведува дека тежнеењето да стане „омилениот балкански лидер на Брисел“ му се враќа на Вучиќ како бумеранг.

„Станува збор за парадокс. Вртејќи се кон Западот за да ја овозможи неговата транзиција кон зелена иднина, Вучиќ, според неговите критичари, ги осудува седумте милиони жители на Србија на понатамошна економска експлоатација и загадување на животната средина, што западните стандарди на демократијата и одговорноста ги става уште повеќе надвор од досегот“, се наведува во текстот.

Се додава дека Вучиќ уплашен ги обвини демонстрантите, кои на 10 август се собраа во Белград во десетици илјади, дека сакаат да го турнат од власта.

„Тоа е дел од хибридниот пристап и спроведувањето на обоените револуции“, им кажа Вучиќ на новинарите, наведувајќи дека неговото предупредување за можен државен удар е засновано на информации добиени од Русија, историскиот сојузник на Србија, пишува Политико.

Бриселскиот портал потсетува дека англо-австралискиот рударски гигант Рио Тинто доби дозвола за развој на проектот Јадар во 2017 година, пред години откако Вучиќ дојде на власт, и дека таа им беше одземена по бранот масовни протести пред две и пол години.

„Сепак, тврдокорниот националист (Вучиќ) никогаш не се откажа од тој проект. И, и покрај стравот во врска со неговите демократски капацитети, ЕУ сметаше на Вучиќ и го поттикнуваше да го реализира проектот“, наведува Политико.

Се додава дека ентузијазмот на ЕУ не го делат Србите, кои сметаат дека ЕУ само ги поттикнува автократските тенденции на Вучиќ.

„Според аналитичарите, довербата на јавноста во ЕУ е длабоко опадната, додека сè попразни стануваат ветувањата на лидерите на тој блок дека ќе се промовираат демократските вредности во земјите кои се долгогодишни кандидати за членство“, се наведува во текстот.

Политико пишува дека Вучиќ во јули помпезно ги пречека германскиот канцелар Олаф Шолц и потпретседателот на Европската комисија за Зелениот договор Марош Шефчович за потпишување договор со кој се формализира поддршката на ЕУ на проектот Јадар, со кој се потпишани и неколку меморандуми со големи произведувачи на автомобили како Мерцедес и Стелантис.

Два месеци претходно, Вучиќ на кинескиот претседател Си Џинпинг му приреди уште попомпезен дочек, со стотици Срби кои се собраа да го поздрават, мавтајќи со кинески знамиња и славејќи го „челичното пријателство“ на двете земји, пишува Политико.

„Иако тоа би можело да ги изненади неупатените набљудувачи, двата настани се олицетворение на пристапот на Вучиќ кон надворешната политика, која се сведува на добредојде на сите кои сакаат да инвестираат – како кинеската фабрика за бакар Зиџин во Бор или Русија која е доминантна во областа на нафтата и гасот – сè додека не се мешаат во внатрешните прашања на Србија“, се наведува.

Политико оценува дека во Србија на Вучиќ „многу малку се објавува“ на телевизиите со национална фреквенција „ако тој не ја одобри пораката“, и додава дека прилогот за демонстрациите против литиумот за време на викендот траел 24 секунди во вестите на јавниот сервис, за кој се наведува дека „обично ги игнорира антивладините протести“.

„Кога барањата на демонстрантите навистина би биле покриени(во главните медиуми), јавноста би сфатила дека нивната загриженост е пред сè околу еколошките прашања. За да го заобиколат медиумскиот мрак во кој се наоѓаат, демонстрантите прибегнаа кон блокирање на автопати и сообраќајници. Така граѓаните, кои во вестите можеби не гледаат што се случува, ќе бидат физички принудени да сопрат и да се запознаат со последиците од рудникот“, наведува Политико.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ