За да го придобие американскиот претседател, кој го сака Гренланд поради неговите огромни резерви на суровини и стратегиската позиција во Арктикот, Киев веќе со месеци истакнува дека неговите богати наоѓалишта на титаниум, графит и други минерали би му помогнале на Трамп во глобалната трка за ресурси против Кина.
На почетокот на неделата Трамп ја прифати понудата и изјави дека планира да склучи договор со Украина „според кој тие ќе го обезбедат она што им го пружаме со своите ретки материјали и други ресурси“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го критикуваше овој потег, нарекувајќи го „страшно трансакциски“ и оценувајќи дека е „многу себичен и егоцентричен“.
Меѓутоа, Киев сфаќа дека фокусот на украинските минерални ресурси е клучен за продолжувањето на американската поддршка, и со тоа опстанокот на режимот, па намерно ја прилагоди својата порака на деловните инстинкти на Трамп. Свесен дека Трамп нема да го убедат аргументите за одбрана на демократијата, Киев ја истакна опасноста дека стратегиските метали, клучни за индустриската и воената технологија, да паднат во рацете на Москва – и последично на Кина.
„Севкупно, ова е позитивен сигнал“, изјави за Политико Олександр Мережко, претседателот на одборот за надворешни работи на украинскиот парламент. „Мислам дека Трамп почна да сфаќа дека постои опасност украинските стратегиски ресурси, ако не ни помогне, да завршат во рацете на авторитарните режими и да ги зајакнат. И тоа не само Русија туку и нејзиниот стратегиски партнер Кина“, додаде тој.
Иако Киев долго се плашеше дека администрацијата на Трамп би можела во целост да ѝ го сврти грбот на Украина, сега има причини за многу внимателен оптимизам. Предлогот на Трамп да продолжи да ја поддржува Украина во замена за минералните ресурси е изнесен откако минатиот месец го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши „смешната војна“ или да се соочи со поостри санкции.
Само неколку часа откако Крис Рајт, извршниот директор во индустријата на фосилните горива, беше потврден за министер за енергетика на Трамп, неговиот украински колега Херман Халушченко му испрати писмо во кое им се заблагодарува на САД за стратегиското партнерство.
Во писмото, во кое Политико имале увид, Халушченко истакнува дека 50 отсто од украинската клучна енергетска инфраструктура се уништени и дека нејзиното одржување е клучно за Трамп да може да ги задржи лостовите на влијание за Москва.
Халушченко истакнува и дека Украина е спремна да соработува со администрацијата на Трамп на обезбедување стратегиски комерцијален удел на САД во украинскиот енергетски сектор, истакнувајќи дека земјата поседува некои од најголемите светски залихи на нафта, гас, ураниум и други природни ресурси.
Украина поседува 22 од 50 материјали кои САД ги идентификуваат како критични, додека од 34 клучни ресурси од листата на Европската Унија, Украина има наоѓалишта за 25. Особено е богата со графит, литиум, титаниум, берилиум и ураниум, според украинското министерство за заштита на средината и природните ресурси.
Овие ресурси се клучни за производство на батерии, радарски системи и оклопи, технологии клучни за одбранбената и технолошката индустрија, и би можеле да ја намалат американската зависност од кинеските минерали.
Републиканците веќе долго ја препознаваат стратегиската вредност на украинските ресурси. „Не сакам тие пари и тие ресурси да завршат кај Путин и да ги дели со Кина“, кажа минатата година сенаторот Линдзи Греам. „Ако сега ѝ помогнеме на Украина, таа може да стане најдобриот деловен партнер кој некогаш сме го сонувале“.
Украинските резерви на титаниум се наоѓаат „во врвниот ранг“, вели европски експерт за суровини за Политико, под услов за анонимност поради чувствителноста на темата. „Украинците очигледно бараат што било што би го привлекло вниманието на Трамп. А ова дефинитивно го привлече“.
„Аргументот за ресурсите е многу прифатлив за Доналд Трамп и неговата администрација кога станува збор за вредноста на Украина“, вели Даниел Вајдиќ, републикански експерт за надворешна политика, кој сега ги советува украинските државни агенции како претседател на лобистичката фирма Јорктаун солушнс.
„Додека за многу луѓе во претходната администрација поддршката за Украина беше прашање на слободата и демократијата, тоа Трамп не го интересира. Мораме да најдеме други причини зошто би му било логично да ја поддржува Украина и да се бори за неа“.
Кремљ, сфаќајќи ја заканата, веднаш реагираше. Портпаролот Дмитриј Песков во вторникот го осуди предлогот на Трамп, кажувајќи: „Ако нештата ги наречеме со вистинското име, ова е предлог за купување помош – со други зборови, не давање безусловна помош, туку нејзино пружање на комерцијална основа“.
Уште во септември, неколку месеци пред Трамп да победи на американските избори, украинскиот претседател Володимир Зеленски почна да ја промовира идејата дека е во економски интерес на САД (и на други земји) да му помогне на Киев да ја порази Русија и да врати што е можно повеќе територии.
Во „планот за победа“ на Зеленски на сојузниците им се нуди посебен договор за заедничка заштита и инвестирање во украинските природни ресурси и клучни метали вредни билиони долари, вклучувајќи ураниум, титаниум, литиум, графит и други.
Меѓутоа, постои голем проблем – најголем дел од тие ресурси се наоѓаат на истокот и југот на Украина, регионите најмногу погодени од војната и кои се или под руска окупација или се воени зони. Еден од најбогатите региони, Дњепропетровската област, во моментов е под закана, додека руските сили го стегаат обрачот околу Покровск.
„Сфаќа ли Трамп дека териториите на кои се наоѓаат ретките материјали се главно окупирани и дека прво треба да се ослободат“, прашува Михајло Гончар, претседател на невладината организација Центар за глобални стратегиски студии XXI. „За тоа се потребни американски оружени сили и навистина пеколни санкции против агресорот“, додава тој.
Украинската понуда за САД е јасна: помогнете ни да ги вратиме нашите територии и ќе бидеме рударски џин пријателски расположен кон вас.
„Тука станува збор за инвестиции од милијарди долари“, вели Олександр Кубраков, коосновач на аналитичкиот центар Ние ја градиме Украина и поранешен заменик премиер на Украина. договорот со Украина ќе чини, но вреди да се склучи, оценува Политико.
„Тоа би значело многу помалку минерално богатство во иднина“, вели Питер Дикинсон, уредник на блогот Укрејн алерт во Евроазискиот центар. „Но во споредба со алтернативната – земјата да биде избришана од картата – се чини како многу добар договор“, додава тој.