Европската унија има цел да го забрза членството на Украина во блокот со отворање два преговарачки „кластери“ во текот на првата половина од оваа година, изјави во вторникот висока функционерка.
Украина и Молдавија го започнаа процесот на приклучување кон 27-члениот блок во она што ќе биде негов најголем притисок за проширување во повеќе од две децении, вели Политико.
Ветувањето за забрзување на членството на Украина доаѓа додека Киев се обидува да ја зајакне својата позиција пред очекуваните мировни преговори со Русија. Станувањето членка на ЕУ би било големо достигнување за Киев, кој исто така се стреми да се приклучи во НАТО.
„Неопходно е ЕУ да се развива понатаму и да има нови земји-членки“, рече највисокиот дипломат на ЕУ, Каја Калас, која исто така беше присутна на конференцијата заедно со шведската министерка за Европа Џесика Розенкранц и украинската вицепремиерка Олха Стефанишина. „Исто така, треба да го зголемиме притисокот врз Русија да ја запре оваа војна“, додаде Калас.
И покрај тоа што доби законско зелено светло за почеток на преговори со Брисел, Киев сè уште го нема отворено првиот кластер од преговорите. Целиот процес вклучува шест кластери, кои се поделени во вкупно 35 поглавја.
„Од техничка гледна точка, можеме да бидеме подготвени да отвориме два кластери за Украина во првата половина на годината“, им рече европската комесарка за проширување Марта Кос на новинарите за време на прес-конференцијата во Брисел.
Кос брзо укажа дека понатамошниот напредок зависи од договорот меѓу земјите-членки на ЕУ што треба да се потпишат за секој чекор напред. Унгарија особено се противи на членството на Украина. „Тоа не е можно без земјите-членки“, рече таа.